Египќаните ќе бараат влез во Уставната Преамбула, очекуваат поддршка од градоначалникот Бакрачески

Египќаните ќе бараат статус на посебен етникум, во Преамбулата на Уставот на Република Македонија. За таа цел, деновиве, и официјално ќе биде испратено барање до Претседателот на Собранието, Трајко Велјаноски, да на една од наредните седници, како посебна точка на дневниот ред, биде поставено и барањето на Египќаните од Македонија, да бидат спомнати, во Уставот на Република Македонија, како посебен, автентичен и автохтон етникум.

„Египќаните, уште од осамостојувањето на Република Македонија, работат во насока да бидат спомнати во Уставната Преамбула, но тоа одеше многу тешко. Но, доколку нашата земја, сака да биде дел од ЕУ и НАТО, тогаш неминовно ќе треба да се интервенира и во Преамбулата на Уставот, и покрај спомнатите етникуми, да бидат спомнати и Египќаните, а на таков чекор, ќе се одлучат, и сите други етникуми, кои егзистираат во мултиетничка Македонија, што е нивно легитимно право. Таков случај имаше и Хрватска, и таа интервенираше во тој дел, ги спомна и оние етникуми кои дотогаш не беа спомнати во Преамбулата на Хрватскиот Устав, и на тој начин, го отвори патот, да стане полноправна членка на ЕУ“. – вели Демир Далип, претставник на Египќаните.

„Доколку и нашата земја, сака да стане дел од ЕУ и НАТО, неминовно ќе биде, да ги спомне не само Египќаните, туку и останатите етникуми, кои не се спомнати во Уставната Преамбула. Со самото спомнување, на етничката заедница на која и припаѓам, дефинитивно ќе се стави крај на асимилаторските апетити на одредени центри на моќ, во практика ќе се реализира уставното начело на еднаквост и рамноправност, ќе почне и за Египќаните да „важи“ Охридскиот Рамковен Договор, според кој, до сега нема вработен ниту 1 деклариран Египќанец, ниту пак унапредуван, а ги нема ни во правичната застапеност во институциите на системот, што истите ги прави како една од назагрозените и најдискриминирани етнички заедници во Република Македонија. За ова наше децениско легитимно барање, го запознавме и Претседателот на Република Македонија, проф.др Ѓорге Иванов, и ќе ја бараме неговата подршка, но истата ќе ја побараме и од позицијата, особено што сега во Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, го имаме нашиот градоначалник, г-динот Никола Бакрачески, од кого најмногу положуваме надеж, дека ќе го актуелизира ова прашање во владеачката партија, поддршка ќе побараме и од опозицијата, а се во интерес на развој на демократските процеси во Република Македонија, и нејзините евроатлански аспирации“, истакна Демир Далип.