Одржана деветтата седница на Советот на Општина Охрид

Денешната седница на Советот на Општина Охрид со 52 точки на дневниот ред, помина во плодна дискусија по предложените точки и во најголем број со нивно едногласно усвојување од страна на советниците.

Работата на денешната седница се одвиваше од крајно спротивставени ставови меѓу мнозинството и опозицијата, до аргументирана расправа и усогласување на ставовите и консезуално изгласување на точки од дневнииот ред. Коалицијата на ВМРО ДПМНЕ принципиелно против точките на кој се усвојуваа извештаите за работата на пооделни одделенија за првите шест месеци од 2013 година, со од порано изнесениот став дека дека тие не учествувале во работата на локалната самоуправа во првите месеци од годинава. За очекување, најжестоки дискусии се водеа по предлог одлуката за организацијата, делокругот и начинот на извршување на задачите на општинската администрација на Оштина Охрид. За опозицијата беше неприфатлива новата организациона шема, со објаснување дека тоа само ќе го зголеми бројот на администрацијата. Дискусиите на некој начин ги затвори широката елаборација на секретарот на општинската администрација, Димитар Спасески, кој појасни дека со новата организација, логично и нужно било одредени сектори да бидат поделени во засебни, а формирањето на новите сектори и одделенија, администрацијата ќе ја направат пофункционална и поефикасна со целосно активирање на сите расположиви човечки ресурси.

Најдолга дебата се водеше околу точките за организирање на одделни услуги од дејноста на ЈОУДГ “Јасна Ристеска“ во дел од просториите на ОУ “Ванчо Николески“ во с.Лескоец и ОУ“Живко Чинго“ во с.Велгошти. Советниците од мнозинството и опозицијата, како да се натпреваруваа во аргументите “за“ и “против“ оваа одлука, за на крајот едногласно да ја прифатат.

Најлесно помина дискусијата за 26-те точки од урбанистичката сфера, кои се однесуваа на измени на урбанистичко-планска документација на поширокото подрачје на Општина Охрид. По претходно едногласно усвојување во матичната комисија, советниците брзо и со консензус ги усвоија на седницата.