Низа манифестации за одбележување на Денот на Републиката

Во очи на празникот, традиционално и оваа година со полагање свежо цвеќе пред споменикот на Илинденците во селото Велгошти започна одбележувањето на Илинден. Пред споменикот се поклонија делегации на општина Охрид, политички партии, институции и поединци.

На свеченоста присуствуваше градоначалникот Никола Бакрачески кој на присутните им го честита овој светол и голем ден за македонската историја. Прославата продолжи со културно-уметничка програма.

Денес, во градскиот парк, пред спомениците на Христо Узунов, Методи Патче, и хероите од НОБ Андон Дуков и Спас Банџов делегацијата на Советот на општина Охрид и Локалната самоуправа, Сојузот на борците на НОБ и други институции и организации ќе положат свежо цвеќе.

По повод Денот на Илинденското востание и патронатот на црквата „Св.Илија“ во с.Плаќе Одборот за прослава при Месната заедница од с.Плаќе организира свечена прослава, каде со почеток во 10:30 часот, со импровизиран напад на селото од комитите, положување цвеќе и историски час пред споменикот на паднатите борци од с.Плаќе во востанието на Рашанец и Народноослободителната борба на Македонија ќе започне одбележувањето на празникот, а ќе продолжи со културно-забавна програма. 

Програмата со настани, манифестации и свечености по повод 2. Август започна да се реализира уште на 28.Јули со свеченото испраќање на учесниците на Илинденскиот марш од пред црквата „Св. Троица“ во населбата „Радојца Новичиќ“.

ilinden4851 ilinden4852 ilinden4854