Започна руско-кинеската воена вежба

Руско-кинеската воена вежба „Мировна мисија 2013“ започна во руската област Челабинск на Урал, на полигонот Чебаркул. Оваа вежба ќе трае до 15 август и е најголема од 2003 година, од кога се одржуваат овие заеднички маневри на двете армии.

Во вежбата учествуваат 1500 војници, а главната цел е извршување на борбени задачи во рамките на антитерористичките операции. Вежбите ќе се одвиваат во три етапи: прераспределување на сили, планирање на операции и заеднички борбени акции.

Кинеското министерство за одбрана соопшти дека на оваа воена вежба учествуваат транспортни средства, топови, како и бомбардери и хеликоптери.

Руските воени експерти истакнуваат дека ваквите вежби се од огромно значење за Русија, прилагодувајќи ги силите за соработка со други војски.