Подземните радиоактивни води од Фукушима можат да се излеат во океан

Радиоактивните подземни води во Фукушима се подигнаа на ниво над бариерата која е поставена за спречување на нивно излевање, што отвара можност за излевање на поголема количина контаминирана вода во океанот, изјавија јапонските медиуми.

На состанокот на тимот кој работи на расчистување на Фукушима, констатирано е дека овие контаминирани води можат да стигнат до површината на земјата за три недели.

Две и пол години откако разорниот земјотрес и цунамито ја уништија Фукушима, еден од најголемите предизвици за компанијата „Tepco“ е да спречи излевање на радиоактивните води кои ги ладат реакторите и се меша со околу 400 тони подземни води дневно.

До крајот на август треба да биде спремна опремата која ќе треба да врши испумпување на водата. Се проценува дека ќе треба секој ден да се испумпуваат околу 100 тони вода, за да се спречи излевање во океанот.

И покрај сите напори за заштита, сеуште не е конкретно прецизирано каде ќе биде складирана таа вода, додека пак минатиот месец во одредени јапонски медиуми се појавија информации дека водата сепак се излева во океанот.