На денешната прес-конференција, портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев истакна дека Владата на Република Македонија на минатата седница го усвои Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за просветниот инспекторат.
Измените во законот се позитивен резултат произлезен од социјалниот дијалог помеѓу Владата и Министерството за образование и наука од една страна и Синдикатот на просветните работници, односно директно излегување во пресрет и позитивно прифаќање на идеите на синдикатот, и со нив во обостран интерес се регулира материјата во врска со постапувањето со водењето на електронскиот дневник и значат едно позитивно подобрување на позицијата на наставничкиот кадар, односно подобрување на условите за водење на е-дневникот, релаксирање на условите и унапредување на стандардите.
Имено, со претходните законски решенија беше воведена обврската за водење на електронски дневник од страна на наставничкиот кадар во основните и средните училишта, кои тие требаа да го водат секојдневно, а контролата на остварувањето на оваа обврска беше предвидена исто така на секојдневна основа, односно инспекторатот имаше право на дневна основа да исконтролира дали наставникот ги запишал во е-дневникиот сите потребни податоци за тековниот ден. Сега со новите законски измени се предвидува контролата на остварувањето на обврската за впишување на податоците во електронскиот дневник да се остварува на неделна основа, односно инспекторатот ќе треба наместо на дневна основа да прави контрола на внесените податоци на ниво на една недела.
Исто така, со новите законски измени прецизно се дефинира законската санкција за неисполнување на законската обврска односно неводење на електронски дневник и истата таа санкција вредносно значително се намалува. Имено, наместо предвидените законски санкции кои важеа досега и се изрекуваа по различни основи за наставникот и кои изнесуваа околу 1000 евра за невнесување на податок во електронскиот дневник на дневна основа, сега со новите измени тие се дефинираат прецизно и во еден член и изнесуваат 300 евра законска санкција за неисполнување на обврската за пополнување на електронскиот дневник, но наместо на дневна на неделна основа. Ако досега наставникот за невнесување на податоци на дневна основа можеше да се соочи со санкција од околу 1000 евра, сега таа санкција ќе изнесува 300 евра и тоа за непополнување на податоци во електронскиот дневник за една недела. На овој начин се дава значително проширување на обемот на време за внес на податоци, се прецизираат правата и обврските и се намалуваат законските санкции.
Ова е едно значително унапредување на стандардите во врска со работата на наставничкиот кадар, на овој начин наставникот во случај да не биде во можност да го пополни е-дневникот за тековниот ден нема да се соочи со законска санкција, туку ќе може тоа пополнување да го направи во текот на следниот или следните денови заклучно со неделата која ќе се смета за заокружување на интервалот за внес на податоци. На ваков начин ќе се придонесе и за поефикасно водење на дневникот и за подобрување на условите за наставникот за организирање на наставата што ќе ги намали бариерите и ограничувањата и ќе придонесе за порелаксирани услови за работа.
Со предложените измени се прави еден позитивен исчекор кон уредувањето на материјата, се создаваат порелаксирани услови за работа на наставниците, се спречува волунтаризмот на субјектите, и се очекува да се направи напредок во ефикасноста и ефективноста на искористување на системот, со што ќе се придонесе кон негова комплетна и оптимална операционализација со што ќе се создадат услови и за тековно функционирање на системот за известување на родителите по електронски пат за сите податоци во врска со оценките, поведението, присуството на часови и активноста на нивното дете.