Ќе почне постапка за концесија на дивечот

Владата на Република Македонија на минатата седница ја донесе одлуката за почеток на постапката за доделување под концесија на дивечот во ловиштата во девет ловни региони во Република Македонија. Се работи за концесии на вкупно 32 ловишта во земјата лоцирани во следните ловни региони: по 1 ловиште во Велес и Тетово, по 2 ловишта во Прилеп, Македонски Брод и Берово, по 3 ловишта во Свети Николе и Радовиш, 8 ловишта во Битола и 10 во Штип.

Согласно законите, целокупната постапка за доделувањето на концесии треба да заврши во период не подолг од 150 дена. Во текот на месец август ќе биде изготвена и одобрена тендерската документација за секое ловиште, по што кон крајот на месец август или почетокот на месец септември ќе следува објавување на јавен повик за доделување на концесија на дивечот во овие ловишта. Од моментот на објавување јавниот повик би траел 30 дена, и на него би можело да конкурира секое правно лице кое во својата дејност ја има вклучено и дејноста ловство. По завршувањето на јавниот повик, што би се случило кон крајот на месец септември или почетокот на месец октомври ќе следува јавно наддавање за секое ловиште и тоа по пат на електронска аукција. Почетната цена за наддавање за секое ловиште ќе биде утврдена во тендерската документација, а во зависност од спецификите на ловиштето, неговата површина, постоечки содржини и останати карактеристики веројатно би варирала од 1 до 3 милиони денари. По јавното наддавање, оној понудувач кој понудил највисока цена, ќе се стекне со право за потпишување на договор за концесија со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и тоа во период од 60 дена од моментот кога победил на електронската аукција. За да го потпише договорот со Министерството, најповолниот понудувач во тој период од 60 дена ќе треба да достави докази за материјално-технички можности, во смисла на опис на опрема која ја поседува, број на теренски возила, оружје, простории кои ги поседува, број на лица кои планира да ги вработи и визија за развој на ловиштето содржана во развојна програма. Во моментот на достава на овие докази и по нивното усвојување од Министерството ќе биде потпишан договорот помеѓу двете договорни страни со што концесионерот ќе може да почне со стопанисување на ловиштето. Периодот на траење на концесијата е 10 години. Во време на концесионирањето Државниот инспекторат за шумарство и ловство ќе врши контрола на спроведувањето на планскиот документ за развој на ловиштето кое е предмет на концесионирање.

Ги повикуваме сите заинтересирани субјекти да ја искористат оваа можност. Таа има соодветна бизнис логика и нуди опции за остварување на профит, затоа што покрај основната дејност која значи одгледување на дивечот, негово одржување на предвидено ниво во бројност, грижа за дивечот и слично, се нудат и опции за воспоставување на дополнителни економско-стопански содржини во ловиштата или во нивна непосредна близина од типот на сместувачки објекти, угостителски објекти и други содржини во функција на развој на ловниот туризам.

Со оваа постапка се придонесува за обезбедување на заштита и одгледување на дивечот во ловните региони, но и се нудат можности за поддршка и остварување бизнис за стопанските субјекти, за нивно функционирање во профитабилна дејност, и што за нас како Влада е најзначајно се нудат и опции за обезбедување на нови работни места и вработување на граѓаните во основните и дополнителните дејности во врска со ловиштата.

Во следниот период ќе финишираат постапките и за почеток на постапката за давање под концесија на преостанатите околу 20 ловишта во различни ловни региони во Република Македонија.