Заев: Нека се охрабрат чесните во обвинителството

Денеска сме во Основното јавно обвинителство, присутен сум како оштетена страна и сведок по основ на поднесената пријава од страна на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Иако знаете дека јавно изразивме сомневање и непризнавање на правосудниот систем на Република Македонија, сакам да потенцирам дека пријавата којашто ја поднесовме е од причините коишто и претходно ги посочивме, да оставиме трага, да покажеме дека ги почитуваме Уставот и законите на Република Македонија, истовремено да испратиме порака дека знаеме дека дигнитетот на институцијата Обвинителство како и другите правосудни органи е нарушена само од поединци.

Поголемиот дел од луѓето кои работат во овие институции, вклучително и Јавното обвинителство, се чесни луѓе кои чесно си ја извршуваат својата професија и во тоа име сеуште продолжуваме да негуваме надеж дека ќе постапат исклучиво по законите и Уставот на Република Македонија, ниту повеќе, ниту помалку.

Со тоа ќе испратат силна охрабрувачка порака за ова наше општество, ќе испишат историја и ние тоа јавно ќе го поздравиме. Се надевам дека ќе се враќа довербата во институциите, во правосудството, паралелно со вистината во Република Македонија.

Извор: www.sdsm.org.mk