Презентиран проектот „Превенција и безбедност во и околу вода“

Полициската станица за граничен надзор на Охридско Езеро, преку мисијата на ОБСЕ, заедно со Црвениот Крст Охрид и Капетанијата го реализираа проектот „Превенција и безбедност во и околу вода“. Како што кажа портпаролот на СВР Охрид, м-р Стефан Димоски, овие три субјекти се партнери во реализирањето на многу проекти и активности на полицијата, а пред се имаат превентивен карактер.

Командирот Џајко Џајкоски од Полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро денес го презентираше проектот со PowerPoint презентација, на која што присутните имаа можност да видат и слушнат низа корисни информации.

„Многу важна порака, сите треба да бидеме внимателни покрај вода. Никогаш не треба да им свртиме грб на малите деца. Кога се определуваме денот да го поминеме покрај вода, кога се поставуваме покрај самиот брег. Се поставуваaт многу прашања. Има ли некој кој постојано ги нагледува децата? Има ли капалиштето организирани безбедносни мерки? Што правиме кога немаме организирани капалишта? Тогаш треба надлежните, Локалната самоуправа исто така да преземе мерки, треба да се постават табли кои што ќе бидат со укажување на плажите дека не се безбедни, дека не се обезбедувани од Црвен Крст“. – истакна Џајкоски.

Целта на овој проект е да се подигне капацитетот на нас како охриѓани, гостите кои ги пречекуваме да не биде само заради нивните пари туку и за нивното уживање да биде комплетно да ги пазиме каде  можат да се движат покрај Охридско Езеро, кои плажи се најбезбедни, каква е улогата на Охридското Езеро и на кои опасности треба да внимаваат, додаде Џајкоски.

Оваа година на подрачјето на охридско-струшкото крајбрежје детектирани се 15 случаи на скутери кои што се безбедносно проблематични заради непочитување на одлуката на Влада, тоа се 2-3 скутери.

„Одлично се справивме со нив, значи разговаравме им укажавме дека користењето на тие моќни машини предизвикуваат проблеми и дека додека не се најде друго решение дали ќе дојде до некоја промена или не ќе видиме во иднина и од  нивното однесување, од оние кои што ги поседуваат“, – рече Џајкоски.

Црвениот крст од 2005 е присутен на плажите на охридското и струшкото крајбрежје. Оваа година на охридското крајбрежје регистрирани се најразлични 280 интервенции.

„19 интервенции беа на спасување на давеници, 210 интевенции беа на укажување на прва помош најразличен вид од потешки удари во глава, исекотини, скршеници, бесознание. Тоа е за охридскиот дел, сме имале секако и нарушување на дел од пловни објекти, скутери кои што се уредно пријавени до Капетанија и охридската полиција“. – рече Точков.

Точков напомна дека голем број интервенции  биле  во пребарување на деца кои што биле изгубени од родителите и на интервенции со педалини, односно на пловни објекти кои биле подалеку или самите педалини биле неисправни.

„Можам да кажам дека во однос на почитувањето на законските прописи, пловидбените прописи, Капетанијата презема жестоки мерки, прво за едуцирање и спроведување на луѓето кои што се на вода, а потоа презема и мерки за нивно санкционирање т.е. во оној дел каде што најдрастично ја загрозиле безбедноста своја и на останатите учесници во водниот сообраќај“, – истакна капетанот на охридската Капетанија Горан Устијаноски.

Како што посочи Устијаноски дојдено е до некоја задоволителна безбедносна ситуација во пловидбата. Недостатоците од законот за внатрешна пловидба веќе се воочени и од страна на инспекторите и од страна на советниците на Капетанијата.

Тој најави дека веќе од наредната сезона ќе има еден поефикасен закон, односно оние пропусти кои се важни ќе бидат отстранети.

WebOhrid