Хорот од Македонија „Драган Шуплевски“ и диригентот Сашо Татарчевски на „Охридско Лето“

Вечерва со почеток во 21:00 часот во предворјето на црквата „Св.Софија“ на програмата на „Охридско Лето“ е македонскиот хор „Драган Шуплевски“ и диригентот Сашо Татарчевски, со изведба на дела од: Зографски, Прокопиев, Македноски, Чесноков, Парт, Кедров, Аренски, Свиридов, Чајковски и Гречанинов.

Мешан хор „Драган Шуплевски” при Факултетот за музичка уметност – Скопје е значаен фактор во музичкиот живот на Република Македонија. Сегашното име го добива во 2002 г. во чест на долгогодишниот раководител и диригент, проф. Драган Шуплевски. Покрај своите редовни концерти, хорот учествува во проекти заедно со другите ансамбли на ФМУ и на реномирани фестивали: „Мајски оперски вечери”, „Интерфест”, ТЕХО, „Нишки хорски свечености”, „Мајски хорски конкурс”, „Варсовиа Кантат“ и др. Неговиот репертоар е стилски разновиден – од ренесансата до најсовремени творби. Посебен настан секоја година претставуваат концертите на духовна музика во централните храмови на Македонската православна црква и католичката црква во Скопје. Од концертите на хорот се направени неколку ТВ и радио снимки, а ФМУ издаде и компакт дисковите од два концерта на духовна музика „Вечерна жртва” под диригентство на актуелниот диригент на хорот вон. проф. Сашо Татарчевски. Својот квалитет и напредокот во последните неколку години хорот ги потврдува и со освојувањето награди на меѓународни хорски натпревари. Како резултат на тие настапи, хорот е веќе вмрежен со голем број Европски хорови и е редовно покануван да учествува на реномирани фестивали и натпревари.

Сашо Татарчевски се вбројува меѓу најуспешните македонски диригенти од помладата генерација, настапувајќи со голем број ансамбли меѓу кои Македонската филхармонија, Оркестарот на МОБ, Битолскиот камерен оркестар, Симфонискиот оркестар на ИКО од Рим, Оркестарот на Ермитаж од Санкт Петербург, Алеа, Симфонискиот оркестар на Битолско културно лето, „Солисти на ФМУ“, Симфонискиот оркестар на ФМУ, Битолската опера и др. Работи како вонреден професор по група предмети од областа на диригирањето на ФМУ и е диригент на професионалниот камерен хор „Про Арс“ и на Женскиот младински хор при МКЦ. Со различни ансамбли настапува на реномираните домашни манифестации (Охридско лето, Скопско лето, Денови на Македонска музика, Хераклејски вечери, Есенски музички свечености и др.), како и во повеќе европски земји кадешто има освоено бројни награди.