Вечерва во Куќата на Уранија со почеток во 22 часот во рамките на фестивалот „Охридско Лето“ ќе биде отворена изложба на современ накит „Во синило те намамив“.
Широчината на Охридското Езеро, неговото бескрајно синило и мирните бранови, кои мамат воздишки на убавина, блескавата светлина на градот, како и сите лица на небото над Охрид, се елементите на инспирација на четири жени уметници, авторки на современ накит, чија изложба љубителите на уметноста ќе можат да ја погледнат во рамките на „Охридско лето“. Градот на љубовта, културата, светлината, македонскиот Париз, е само врзивна нишка на најновите уметнички креации на Јана Ацевска, Билјана Клекачкоска, Дафина Џепароска и Марта Пејоска, која го исцртува нивниот индивидуален, авторски потпис.
„Во синило те намамив“ е заедничкиот наслов на нивните најнови парчиња накит, низ кои конкретно, но и во апстрактна форма, се огледуваат сите бои на нашиот балкански и европски Ерусалим.
Јана Ацевска е основач и сопственик на студиото за дизајн и изработка на накит „Капка“ каде што графичкиот дизајн се претвора во парче современ накит. „Капка“ ги претвора различните материјали во носечка уметност во најразлични форми.
Билјана Клекачкоска е дизајнер на накит која главно работи во филигранска техника, но со современ авторски пристап. Изложувала и надвор од Македонија, а неколкупати е наградувана за дизајн.
Дафина Џепароска со накит се занимава од 2010 година. По успешните учества на работилниците за современ накит, организирани од страна на Министерството за култура на Република Македонија, на тема „Скопје ултрамодерен град“ своите дела ги презентира и надвор од Македонија.
Марта Пејоска е млад архитект кој својата архитектонска приказна ја раскажува на еден модерен и концептуален начин, моделирајќи го секојдневниот контекст и инспирација во парчиња накит. Во 2010 година го наследува уметничкото ателје на нејзиниот татко, Живко Пејоски, во Охрид и ја наследува неговата работа, додавајќи еден нов аспект и развивајќи еден сопствен, уникатен уметнички израз преку различни парчиња накит.