Рускиот Камерен Оркестар „Ермитаж“ на „Охридско Лето“

Вечерва со почеток во 21 часот во предворјето на Црквата „Св.Софија“ на репертоарот на „Охридско Лето“ е настапот на камерениот оркестар „Ермитаж“ од Русија, во изведба на Илја Норштејн – виолина, Андреј Бурков – виола и Ана Устјужанина – виолончело. 

Ансамблот на солисти „Ермитаж“ го сочинуваат млади талентирани музичари кои во 2000 г. се обединиле околу познатиот обоист Алексеј Уткин. Во 2012 г. уметнички директор на ансамблот станува истакнатиот пијанист, „Заслужен уметник на Русија“ Александар Гиндин. Успехот на „Ермитаж“ може да се објасни со младоста на изведувачите, високото ниво на нивното мајсторство и одбраниот репертоар. Секој од учесниците има сопствена богата уметничка кариера, учествувајќи на меѓународните натпревари и фестивали и остварувајќи солистички концерти во Русија и надвор. Во репертоарот на „Ермитаж“ се делата на композиторите од различни епохи: Бах, Хендл, Телеман, Моцарт, Шостакович, Прокофјев, Пјацола. Исто така, ансамблот изведува музика создадена специјално за неговите концерти, која е на границите на музичките стилови, комбинирајќи ги џезот, фејт и етно правците. „Ермитаж“ изведува и литературно-музички перформанси со делата од А.С. Пушкин, Н.В. Гогољ, Ф.И. Тјутчев. Ансамблот соработува со ѕвездите на руската и светската сцена: Дмитриј Хворостовски, Елена Образцова, Давид Дениелс, Љубов Казарновскаја, Николај Петров, Игор Бутман, Михаил и Андреј Иванови, Валериј Гроховски, Александар Филипенко, Михаил Козаков и многу други. „Ермитаж“ редовно остварува турнеи во Русија и Европа, учествувајќи на фестивалите во Летонија, Турција, Полска, Франција, Германија, Шпанија и други земји.