Намален е бројот на инциденти од безбедносен карактер во Охридското Езеро и евидентно се подобрени состојбите, констатираа министрите за транпсорт и врски и за внатрешни работи, Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, по денешната работна посета на Капетанијата на пристаништа на РМ во Охрид.
Јанакиески и Јанкулоска се сретнаа со надлежните во институцијата задолжена за безбедност во сообраќајот на Охридското Езеро, како и со градоначалникот Никола Бакрачески.
„Во насока на поголема безбедност на пловилата и капачите на Охридското Езеро, во текот на оваа година, особено во летниот период се спроведени 150 заеднички контроли на Капетанијата со полициските службеници. Притоа се санкционирани седум субјекти што извршиле прекршување на Законот за внатрешна пловидба, на кои им се изречени казни во висина од 800 евра“, рече Јанакиески.
На средбата беа презентирани измените во Законот за внатрешна пловидба кои предвидуваат времено одземање на пловила доколку не се почитуваат законските одредби, во случај на претовар со патници, кога се плови без соодветна дозвола и во случај на пловидба во периодот кога тоа е забрането.
Министерката Јанкулоска информира дека на средбата станало збор и за безбедносната состојба во градот, бројот на туристи, состојбите во сообраќајот, како и за се она што ги засега посетителите на Охрид во летниот период, но и граѓаните.
„Заеднички констатиравме дека политиката на зголемено превентивно дејствување и спроведувањето превентивни проекти за поголема безбедност, пред се безбедност на вода, даде резултати. Состојбите во однос на претходните години се поволни“, истакна Јанкуловска, изразувајќи задоволство од подобрената соработка со локалната самоуправа.
Во врска со безбедноста на вода, Јанкулоска рече дека МВР постапува заедно со Капетанијата, но во рамки на своите надлежности реагира и независно, со засилени контроли по разни основи.
„Оваа година се извршени 135 патроли и се сочинети над 600 службени белешки по разни основи“, рече Јанкуловска.
Според градоначалникот Бакрачески, значителното подобрување на состојбите со водниот сообраќај, безбедноста на плажите, капачите и корисниците на пловни објекти, годинава се должи на интензивираната комуникација на локалната власт со министерствата за внатрешни работи и за транспрот и врски, како и со Капетанијата.
„Тоа претставува јасен сигнал до туристите и гостите, корисници на пловни објекти и на плажите, дека строгото придржување кон законските регулативи придонесува за поголема нивна безбедност. Охрид го подобрува својот имиџ за да наликува на заначајна туристичка дестинација во регионот“, рече Бакрачески.