Министерството за информатичко општество и администрација ја одржа петтата по ред јавна расправа за Законот за медиуми и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на кој учество зедоа бројни претставници на новинарски здруженија и асоцијации, уредници, управители на медиуми и други медиумски работници.
На нивните прашања, забелешки и сугестии одговараа експертите на ОБСЕ, Советот на Европа и на TAIEX мисијата, кои беа присутни на јавната расправа, со цел да ги пренесат своите видувања за текот на процесот на донесувањето на законските решенија.
Едногласен беше заклучокот на експертите, според кој на Република Македонија и е потребен Закон за медиуми, кој во себе ќе ги вклучи европските стандарди, а прилагоден на македонската медиумска сцена.
И покрај забелешките на македонските новинари за различните ставови на претставниците од ОБСЕ за Законот за медиуми, експертот Катрин Ефкеимен одговори дека нема разлика во ставовите, бидејќи не постои еден единствен начин во пишувањето на законот.
Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, напомена дека ваквите јавни расправи нудат највисоко ниво на транспарентност на процесот при изготвување на законите, за што сведочат и големиот број забелешки кои се прифатени во новата Нацрт-верзија на двата закона, а предложени од сите страни кои учествуваа во досегашната расправа.
На денешната дебата свои видувања искажа и Мирјана Димовска од Државната комисија за спречување на корупција, која направи пресек на анализата од истражувањето спроведено за состојбата во македонските медиуми, од аспект на објективноста на информирањето и степенот на корупција.