Нова мерка за потранспарентни тендерски процедури во јавното здравство

Нова мерка во врска со јавните набавки со која ќе се овозможи зголемување на продуктивноста и ефикасноста во менаџирањето на јавните здравствени установи и поголема транспарентност во трошењето на парите во здравството, презентираше на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.

Тој посочи дека укажувањето кое од денеска веќе е испратено до сите јавни здравствени установи предвидува за секој артикал од тендерот за набавка да биде објавен посебен лот.

„Со оваа мерка овозможуваме сериозно зголемување на конкуренцијата што би требало да доведе до намалување на цената на артиклите кои се набавуваат и овозможување што е можно поголем број компании да се вклучат во процесот на набавки во ЈЗУ.

Конкуренцијата е здрава работа и очекуваме како резултат на конкуренцијата да платиме пониска цена за истите производи или да добиеме производи со повисок квалитет за иста или пониска цена“, појасни Тодоров.

Практиката за групирање на сродните артикли во еден лот, иако не е спротвна на законот, ќе се напушти бидејќи, вели, создавала ситуации заради еден артикал кој го увезува една компанија, на тендерот да биде избрана токму нејзината понуда иако за останатите артикли тендерирале пет-шест фирми со многу пониски понуди.

„Со ова укажување им забранивме на установите да набават артикли спротивно на овој принцип на набавка и исто така да преземат артикли од друг оператор, како Заеднички служби или централна набавка на повеќе установи или дури и Министерството за здравство да набавува централно, да преземат артикли доколку не се набавени според овој принцип. Еден артикл – еден лот“, рече Тодоров.

Тој вели дека новата мерка може да го одолжи процесот на набавки затоа што ќе зема повеќе време, но, дециден е, и тоа може добро да се испланира за навреме да се спроведе набавката.

Новата мерка нема да се однесува на тендерите кои се веќе објавени или се во фаза на носење одлуки.

Тодоров најави и нов проект во здравството кој се однесува на јавните набавки, а кој за кусо време ќе биде промовиран. Станува збор за електронски систем за мониторинг на набавките во јавното здравство.

Досега, додаде, во овој систем внесени се 158.590 различни артикли, вклучувајќи ги тука и лековите кои што претходно се веќе внесени во системот „Мој термин“.