Македонија со 4 претставници на Охридскиот пливачки маратон

Како што веќе беше објавено од страна на FINA, овогодинешниот Охридски Маратон ќе се одржи во сабота на 24 август по 27 пат. Досега своето учество на маратонот го пријавија 30 натпреварувачи (19 во машка и 11 во женска конкуренција). Искусниот маратонец Томи Стефановски ќе ја предводи македонската „чета“ од четворица пливачи  на претстојниот Охридски маратон, заедно со Евгениј Поп Ацев, на кои ќе им се приклучат и помладите Александар Панчевски и Александар Илиевски. Ни оваа година, како и години претходно, нема да имаме претставничка во женска конкуренција.

Дамјан Блаум од Аргентина, Симоне Ерколи од Италија, како и македонските маратонци Томи Стефановски и Евгениј Поп Ацев (кој минатата година заврши на петтото место) ја предводат листата на учесници во машка конкуренција, кај дамите учеството го потврдија Русинката Олга Козиуб, Естер Нуњез (Шпанија), Карла Ситиќ (Хрватска)…

„Сезонава завршницата во Гран при-серијата на ФИНА е напната како никогаш досега. Има многумина пливачи, кои се натпреваруваат за највисокиот пласман на Светската ранг-листа и се ќе се реши на последните две трки до крајот на сезоната. Меѓу кандидатите за највисок пласман сме и Поп Ацев и јас по добрите резултати на маратоните во Kанада. Ќе видиме каква ќе биде разврската“, – изјави Стефановски неодамна.

Маратонската трка на 30-километарската патека „Климе Савин“ ќе се одржи на 24-ти август, стартот ќе биде во Свети Наум, а целта на градското пристаниште во Охрид. Првите пливачи се очекуваат да пристигнат  околу пет и пол часа подоцна, по што следи доделување на ловорови венци на првиот пливач во машка и женска конкуренција од страна на покровителот на Охридскиот пливачки маратон, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорѓе Иванов.

Тоа што е важно е дека годинава Охридскиот маратон со сигурност ќе добие нов победник, со оглед на тоа што Бугаринот Петар Стојчев (11 пати триумфираше во водите на Охридското езеро) ја заврши кариерата – тој стана министер за спорт во неговата земја. Сепак, Стојчев ќе биде присутен во Охрид, како тренер на Томи Стефановски, а на македонската јавност и останува да види дали нашиот претставник ќе го повтори неговиот успех.