Висок пораз од Шпанија во втората пријателска средба

Сениорската репрезентација на Македонија доживеа пораз и во вториот пријателски натпревар во Шпанија против домашниот состав, откако вечерва во Леон избраниците на Алеш Пипан загубија со 77-55. Периодот пред крајот на полувремето и во текот на третата четвртина беа клучни за високата победа на Шпанците.

Натпреварот почна изедначено, а пред полните трибини во Леон се играше брза и атрактивна кошарка, со многу надигрување и многу поени. Лестер Бо Мекејлеб ја играше главната улога во нападот на нашата репрезентација, постигнувајќи 9 поени само во првиот период од натпреварот. Ниту една од двете репрезентации не успеа да поведе со повеќе од 5 коша, па четвртината заврши со 22-19 за Шпанија. Вториот период почна со тројка на Тодор Гечевски за изедначување, сепак четвртината се одликуваше генерално со добра одбрана на двете страни и многу мал број на поени. Селекторот Алеш Пипан често ротираше со составот, давајќи поголема минутажа на резервните кошаркари, а Шпанија знаеше да ги искористи проблемите со реализацијата на нашиот тим и полувремето го заврши со први двоцифрени и дотогаш највисоки 11 поени разлика (38-27).

Добро игравме одбрана во првите 5 минути, а предводени од Бо Мекејлеб и тројките на Дамјан Стојановски и Тодор Гечевски успеавме да се вратиме и да одржуваме едноцифрена негатива. Сепак, вториот дел од четвртината комплетно им припадна на Шпанците кои со брза игра и многу контра напади направија долга серија за веќе високо водство од 62-44 на 10 минути до крајот од средбата. Разликата до крајот од натпреварот се движеше околу 20 поени за домашниот тим, а Шпанија знаеше како да одигра да не дозволи враќање на нашата репрезентација како вчерашното во Сантијаго де Компостела. Рутинираната завршница ги даде конечните 77-55.

Лестер Бо Мекејлеб со 11 постигнати поени беше најпрецизен во нашиот состав, додека по 9 поени додадоа Војдан Стојановски и Тодор Гечевски. Во листата на стрелци се запишаа Ѓорѓи Чековски со 7 поени, Перо Антиќ со 6, Дамјан Стојановски и Предраг Самарџиски со по 5 и Александар Костоски со 3 постигнати поени. Кај Шпанија, повторно најдобар поединец беше Марк Гасол со дабл-дабл учинок.

Нашата репрезентација утре од Мадрид лета за Минхен, од каде веднаш потоа ќе отпатува за Улм за настап на подготвителниот турнир на кој ќе настапат уште Грција, Босна и Херцеговина и домаќинот Германија. Првиот натпревар го играме во петок против Грција, во сабота се среќаваме со Германија, додека последниот натпревар од подготовките во недела го играме против Босна и Херцеговина. Во понеделник репрезентативците се враќаат за Скопје, за последните тренинзи пред заминувањето во Словенија за старт на Евробаскетот.