Утре, 23 август 2013 година во Изложбениот салон на НУ Дом на култура „Григор Прличев“ во 19:00 ч. ќе биде отворена изложбата на академскиот сликар Коста Батев. Изложбата ќе ја отвори програмскиот координатор академскиот сликар Славко Упевче.
Костадин Батев роден 1979 г. во Струмица, Р.Македонија. Средно учулиште завршил во УПУ „Лазар Личеновски“ – Скопје 1997 г. Во 2004 година дипломира на ФЛУ отсек сликарство со графички дизајн во класата на Проф. Вело Ташовски. Член на ДЛУС од 2000 год.
Во дескриптивното сликарско искуство, се насетува намерата за дирекна комуникација на човекот со човек. Отворената двосмисленост во кој тој се движи и живее се огледа во грубата и наметлива дводимензионалност на сликата, снажно нанесените бои и нивниот нападен интензитет . За него божествениот импулс e исто што и кадрираниот фрагмент од реалноста. Уметничкиот чин е изедначен со предметот кој на површината се исполнува во деформација (како кај германските експресионисти).
Текот на времето се огледа во вибрантната и вознемирувачка површина на ликовите но и на делумната фигурација и нивниот крајно егзистенционален карактер, а како парадокс се појавуваат и популистички речиси „допадливо“ мачни моменти. Буквално секој сликарски елемент, во целината, прави ефемерна разменa ,се движи по своја насока, исполнета во еден FREE STILE.
Графиките во боја, направени во сито печат комбинирани со дигиталниот принт, уште еднаш ја потврдуваат сугестијата и желбата за поистоветување на ЕКСПРЕСИЈАТА И проблемот на КОМУНИКАЦИЈАТА. За да биде по „дискретен“ тој ја „жртвува“ фигурата, прикажана иронично, како поп-артистичка форма и апстрактно-духовниот предел во еден рецентен еротски манир.