Градоначалникот Бакрачески го прими израелскиот амбасадор

Амбасадорот на Израел во нашата земја, Н.Е. Јоси Амрани, денес беше во посета на Општина Охрид и оствари средба со градоначалникот Никола Бакрачески. Израелскиот дипломат се интересираше за актуелната ситуација во општината и потезите кои ги влече новата локална самоуправа. Градоначалникот Бакрачески високиот гостин го информираше за напорите кои Општината Охрид ги прави за конечно да ја одблокира општинската сметка и модусите на економски издржано сервисирање на долгот кон доверителите, притоа изложувајќи ја стратегијата за економски развој на Охрид.

Во таа насока градоначалникот Бакрачески, го запозна израелскиот амбасадор, со плановите за развој на медицинскиот туризам, кој може да најде интерес кај потенцијалните израелски бизнисмени, а секако и вложувања во други стопански гранки, кои Охрид може да ги понуди на заинтересираните инвеститори.

Воодушевен од убавината и потенцијалите кои ги има Охрид, амбасадорот Амрани истакна дека Охрид заслужува промоција во највлијателните меѓународни медиуми и ја понуди својата добра волја, да помогне оваа цел да биде реализирана. Н.Е. Амрани најави дека наскоро поголема група израелски новинари ќе го посети Охрид и сугерираше стратегија за привлекување на гости од Северно американскиот континент од таканаречената “Бејби бум“ генерација.

Заблагодарувајќи се на добронамерните сугестии, градоначалникот Бакрачески ја истакна увереноста дека во иднина  од ваквите средби ќе произлезат конкрети економски проекти и поголема застапеност на израелските бизнисмени и туристи во Охрид.