Македонија ја победи Грција во трилер завршница

Репрезентацијата на Македонија со победа против Грција го започна настапот на подготвителниот турнир во Германија. И покрај тоа што Грција водеше во текот на целото второ полувреме, предводена од Антиќ, Мекејлеб и Чековски во завршните минути, нашата репрезентација успеа да направи пресврт за триумф од 77-75.

Капитенот Перо Антиќ беше човекот на одлука во самите последни моменти, кога на 9 секунди до крајот од средбата реализираше за водство на Македонија од 76-75. Василис Спанулис промаши тројка за победа, Антиќ прифати дефанзивен скок и со едно реализирано од двете слободни фрлања при самиот истек на времето, го постави конечниот резултат на натпреварот, нанесувајќи го првиот пораз на Грција по четирите победи во подготвителните натпревари. 

Македонија ја заслужи победата на средбата покажувајќи го препознатливиот карактер и победнички дух, не откажувајќи се од пресвртот и покрај резултатската негатива во текот на целото второ полувреме. Грција тешко наоѓаше решение во одбрана за незапирливиот денеска Лестер Бо Мекејлеб, додека во завршницата одлично одиграа и Илиевски, Војдан Стојановски и Ѓорѓи Чековски, кој погоди една многу важна тројка за резултатско враќање, на која додаде и реализација за два поени на 30 секунди до крајот од средбата.

Во текот на целиот натпревар се играше генерално изедначена кошарка, а Грците својата предност ја направија во еден многу краток период на крајот на првото и почетокот на второто полувреме, кога погодија неколку тројки во серија и стигнаа до прва двоцифрена предност. И покрај тоа што нашиот противник ја доби битката под кошевите (42-27 во скокови), избраниците на Алеш Пипан знаеја како да надополнат во другите сегменти од играта, пред се во реализацијата и дисциплината во нападот.

Лестер Бо Мекејлеб со 25 поени беше најпрецизен поединец во нашиот тим, додека со дабл-дабл учинок од 16 поени и 10 скокови натпреварот го заврши капитенот Перо Антиќ. Војдан Стојановски додаде 11 поени, Владо Илиевски постигна 10, а Ѓорѓи Чековски натпреварот го заврши со 9 поени. Уште во листата на стрелци се запишаа и Гечевски и Самарџиски со по 3 постигнати поени. На спротивната страна, во тимот на Грција, најпрецизен беше Пепероглу со 12 поени, додека Спанулис постигна 11.

Со оваа победа, Македонија успешно го почна настапот на подготвителниот турнир во Германија, а во наредните два дена ќе ги одигра и двете последни пријателски средби пред Евробаскетот. Утре од 14.30 часот, нашата репрезентација се среќава со домашниот состав, додека во недела од 17.00, избраниците на Алеш Пипан ќе се сретнат со еден од противниците во групата на Евробаскетот, тимот на Босна и Херцеговина.