Отворени 52-те струшки вечери на поезијата

Со традиционалното читање на песната „Т’га за југ“ и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата во Струга, синоќа започнаа 52-те Струшки вечери на поезијата.

Манифестацијата официјално ја отвори министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која своето обраќање го почна со бесмртната мисла на Кочо Рацин, дека песната е молитва на Македонија и огледало на нејзината душа.

„Преку Струшките вечери на поезијата ги афирмираме вистинските вредности, ја афирмираме културата, обединувајќи ги најзначајните имиња на светската поезија. Струшкиот поетски фестивал е најрепрезентативната проекција на актуелните поетски остварувања во меѓународен контекст и место на кое се развива дијалогот меѓу јазиците и културите“, истакна Канческа-Милевска.

Во изминатите пет децении, рече, преку 5.000 поети од сите страни на светот ја посетија Република Македонија и на стотина јазици го презентираа своето поетско творештво, 47 поетски лауреати на 20 и 21 век се здобија со престижниот Златен венец на поезијата, фестивалот изгради многу мостови помеѓу поетските меридијани.

„Препознавајќи ја важноста на Струшките вечери на поезијата како и обврската да го споделиме овој културен настан со целата светска јавност, континуирано ја поддржуваме оваа манифестација која несомнено ги промовира вредностите содржани во разноликостите, во автентичните поетики кои го чинат богатството на европскиот и светскиот културен мозаик“, напомена министерката.

Таа посака „од Струга да се изгради мост на духовност и убавина која ќе не поврзува со целиот свет“.

„Нека поезијата како што вели нашиот лауреат Матеја Матевски биде сосема отворена во својата мисија, сосема слободна и отворена пред зборот што го создава и што ја создава неа, како врвен израз на човековиот дух“, потенцира Канческа-Милевска.

Министерката изрази уверување дека присуството на годинашниот лауреат, истакнатиот мексикански поет, романсиер, преведувач и критичар Хосе Емилио Пачеко, ќе биде провокација за многу љубители на пишаниот збор повторно да ја посетат нашата земја и да станат дел од традиционално празнување на убавината на поезијата во Република Македонија.

Добитникот на „Златниот венец“ за 2013-та Пачеко пристигна во Струга за да ја прими наградата и покрај неговата поодмината возраст и здравствената состојба.

Престижната награда на Пачеко ќе му биде врачена в недела на традиционалното поетско читање „Мостови“, а поетскиот портрет на лауреатот ќе се одржи ден претходно, во црквата „Света Софија“ во Охрид.

Фестивалот ќе се одржува во Домот на поезијата во Струга до 25 август, а следните два дена учесниците ќе го посетат Скопје и други градови низ Македонија.

Во рамки на фестивалот утре ќе биде објавен и добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2013 година, која СВП ја доделува за најдобра поетска книга од македонски автор меѓу два фестивала.

На фестивалската програма се предвидени промоција на книги од едицијата „Плејади“, изложби, симпозиуми на тема „Поезијата – војна и мир меѓу јазиците“ и традиционалната Ноќ без интерпункција.

Покрај од Македонија, на 52-те СВП ќе учествуваат околу 50 истакнати поети од Бугарија, Грција, Англија, Германија, Египет, Индија, Јапонија, Израел, Кина, Русија, Полска и Шпанија.

StruskiVeceri2013b