Груевски: СДСМ да си изгласа свој извештај или предвремени избори на 13 октомври

СДСМ со надгласување да изгласа извештај со правни формулации за настаните од 24 декември какви што сака, а доколку претседателот на ад хок Комисијата Борче Давитковски не сака да гласа на таков начин, да изберат нов кој ВМРО-ДПМНЕ го прифаќа однапред, или пак во понеделник на вонредна седница да се распушти Парламентот и да се распишат предвремени парламентарни избори кои би се одржале на 13 октомври, пред Македонија да го добие извештајот од Европската комисија.

Ова се двете решенија што премиерот  Никола Груевски ги понуди откако во договорениот рок ад-хок Комисијата за случувањата од 24 декември не успеа да постигне согласност и да донесе извештај.

Со овие две решенија, како што истакна на вечерашната прес-конференција Груевски, СДСМ ќе добие извештај од Комисијата за случувањата од 24 декември каков што сака и во целиот изминат период се обидувал да добие, односно извештај во кој целата вина би била префрлена на ВМРО-ДПМНЕ, а Македонија би се ослободила од заканата да ја изгуби препораката за почеток на преговорите за члентво во ЕУ.

Се разбира, рече, Груевски, тоа за нас и за најголемиот дел од Македоските граѓани ќе биде партиски извештај, но барем ќе го има и државата и народот нема да трпат последици заради деструктивната политика на СДСМ. Комисијата, додаде, ова би можела да го направи веќе утре.

Премиерот Груевски истакна дека доколку, пак, СДСМ се одлучи за предвремени избори, тогаш утре комисијата би потпишала две верзии на правните кфалификации на извештајот.

„Едната согласно ставот на ВМРО-ДПМНЕ и во која ќе пишува дека е валидна само ако на изборите ВМРО-ДПМНЕ добие повеќе гласови од СДСМ, и втората со правни кфалификации кои ги предлага и преферира СДСМ во кој ќе пишува дека е валиден само доколку СДСМ добие повеќе гласови од ВМРО-ДПМНЕ на предвремените избори“, истакна Груевски.

Премиерот Груевски додаде дека СДСМ има време уште вечерва или  најдоцна утре да го даде одговорот на двете понудени решенија од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Очекува дека доколку се одлучат за предвремени парламентарни избори потребното мнозинство од 62 пратеника за распуштање на Парламентот ќе биде исполнето.