Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, вчера во „Вила Билјана” во Охрид, приреди прием за учесниците на 52 издание на Струшките вечери на поезијата.
Претседателот Иванов, на годинешниот лауреат, мексиканскиот романсиер, преведувач и критичар Хосе Емилио Пачеко, му честиташе за наградата „Златен венец”, како една од најголемите светски награди за поезија и најголемо признание за целокупна поетска дејност.
На приемот, македонскиот претседател ги поздрави учесниците и организаторите на Струшките вечери на поезијата, и изрази очекување дека и во иднина ќе продолжи успешното организирање на оваа врвна меѓународна културна манифестација, која е од особено значење за презентација на македонското и светското поетско творештво, и за збогатувањето на македонската култура и афирмација на Република Македонија во светот.
На годинешното издание на поетскиот фестивал присуствуваа околу 50 странски поети, директори на фестивали, на значајни асоцијации, издавачи од Мексико и од регионот. Меѓу другите, присуствуваше и истакнатата данска поетеса и академик Пиа Тафдруп, реномирани поети од Израел, Египет, Франција, Кина, Русија, Турција, Словачка, Романија, Шпанија, Чиле, Англија, Индија, Полска, Германија, како и по еден поет од регионот.
Во 2011 година, претседателот Иванов ја одликуваше манифестација „Струшки вечери на поезијата” со Орден за заслуги за Република Македонија.
Во изминатите пет децении фестивалот Струшки вечери на поезијата го посетиле над пет илјади есеисти и критичари, а 47 поети го добиле највисокото признание „Златен венец на поезијата“.