Одржана деветтата седница на Советот на Народна Банка на Република Македонија

Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата деветта седница.

На денешната седница, Советот ја донесе Одлуката за методологијата за утврдување исправка на вредноста, односно за издвојување посебна резерва од страна на Македонската банка за поддршка на развојот. Раководејќи се од специфичниот статус и задачите на Македонската банка за поддршка на развојот, утврдени со Законот за Македонската банка за поддршка на развојот, Советот на Народната банка пропишува посебна методологија за исправката на вредноста, односно за издвојување посебна резерва од страна на Банката. Со оваа одлука всушност се врши усогласување со Одлуката за управување со кредитниот ризик, донесена во март 2013 година, со одредени исклучоци, имајќи ги предвид специфичните активности коишто ги врши Банката.

На денешната седница, Советот на Народната банка ја донесе и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за начинот, формата и роковите за доставување статистички податоци и информации за средствата и обврските на останатите финансиски институции, како дел од пакетот мерки за зголемување на опфатот и за подобрување на квалитетот на монетарната статистика. Со донесените измени, како известувачи се опфаќаат и друштвата што се даватели на финансиски лизинг и  финансиските друштва, со што се постигнува речиси целосна покриеност во рамки на извештаите на монетарната статистика за целиот финансиски систем, како и приближување кон статистичките барања на Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд. Истовремено, заради подобрување на квалитетот на статистичките податоци, се предвидува и продолжување на рокот за доставување на извештаите, во согласност со предвидените статистичките рокови за известување на меѓународните институции, од една страна, и сметководствените практики кај одделни известувачи, од друга страна.

На седницата беше донесена и Одлуката за начинот, постапката за издавање, формата, содржината и располагањето со кованите пари за колекционерски цели, со која всушност се доуредуваат одредбите од постоечката одлука донесена од страна на Советот на Народната банка во март оваа година. Имено, заради натамошна афирмација на земјата и за збогатување на Нумизматичката збирка на Народната банка, во текот на изминатите неколку месеци Народната банка започна со подготвителни активности за издавање ковани пари за колекционерски цели, поради што се наложи потребата од попрецизно регулирање на статусот, издавањето и располагањето со кованите пари за колекционерски цели.

Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.

извор: НБРМ