Последна фаза од обновата на источниот конак од манастирот „Св. Архангел Михаил” во Варош

Стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп интензивно работат на третата, последна фаза од темелната реконструкција на источниот конак од манастирот „Св. Архангел Михаил” во Варош, Прилеп, која е предвидено да заврши до октомври годинава. Третата фаза ги опфаќа активностите околу завршните работи на подовите, таваниците, поставување на санитаријата и монтирањето на вратите и прозорците на новиот конак кој се гради на површина од 292 метри квадратни.

Проектот за обнова на источниот конак од црквата „Свети Архангел Михаил”, која е главната и единствена манастирска црква во варошкиот манастир, е дел од програмата на Владата на Република Македонија и Министерството за култура и неговата реализација е потврда за грижата за непроценливите културни вредности и културното наследството.

Манастирскиот комплекс со црквата посветена на Св. Архангел Михаил се наоѓа во подножјето на Маркови кули во населбата Варош во непосредна близина на Прилеп и датира од периодот на 13. век. Црквата претставува еднокорабна градба со отворен трем и камбанарија. Конаците се изградени од двете страни на манастирот во 19 век, како дар од прилепскиот еснаф и претставуваат впечатлив пример на староградската прилепска архитектура. Монашкиот живот во манастирот е обновен во 1988 година.

varos