Поедноставени условите за евтините кредити за вработување

Портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев, денес на прес-конференција истакна дека Владата на Република Македонија е стратешки насочена кон поттикнување на вработувањето и обезбедување на нови работни места, стратешка поента која се реализира преку повеќе мерки и активности како што се привлекување на странски инвестиции и отворање на работни места во отворените капацитети, поддршка на стопанството преку поволни и евтини финансиски инструменти, а се разбира дека значајно место има и реализацијата на Оперативниот план за активни мерки за вработување. 

Во насока на унапредување на условите за поттикнување на вработувањата, и во насока на обезбедување на поповолни можности за компаниите за пристап до евтини финансиски инструменти и средства за отворање на нови работни места, Владата одлучи да ги поедностави условите за аплицирање за добивање на средствата за мерката Кредитирање на микро и мали претпријатија за отворање на нови работни места, мерка која се содржи во Оперативниот план за активни мерки за вработување.

Имено, досега за аплицирање за овие средства компаниите кои имаа интерес за истите требаа да исполнуваат услов да имаат најмалку 2(две) вработени лица во период 3 месеци пред објавување на огласот од страна на Агенцијата за вработување на Република Македонија на кој се аплицира за средствата, а сега со новите измени компаниите кои аплицираат ќе треба да исполнуваат услов да имаат само 1(едно) вработено лице минимум 3 месеци пред огласот. Со оваа измена значително се проширува основата на субјекти кои може да аплицираат за средствата, во смисла за нов опфат на трговците-поединци, занаетчиите, земјоделските стопанства со по еден вработен, и останати субјекти со по еден вработен, и се создаваат услови за тие да можат преку оваа мерка да вработат нови лица, да го прошират својот бизнис и да остварат дополнителен приход.

Исто така, досега со оваа мерка и со користење на средствата од истата можеше да се вработуваат и работно ангажираат невработени лица кои се на евиденција на Агенцијата за вработување минимум 3 месеци, а сега со новите измени ќе може работно да се ангажираат невработени лица кои се барам 1(еден) дена на евиденција на Агенцијата доколку нивниот работен однос, доколку постоел претходно, завршил 3 месеци пред објавување на огласот од Агенцијата за добивање на средства. На овој начин пак се проширува основата на невработени лица кои може да се ангажираат со оваа мерка што е особено битно за и ќе ги опфати лицата кои првпат се пријавуваат на евиденција на Агенцијата.

Владата ја задолжи Агенцијата за вработување во текот на следната недела, со овие изменети и подобрени услови, да објави нов оглас за аплицирање за добивање на средства по однос на оваа мерка. На овој оглас кој ќе трае десетина дена ќе може да аплицираат микро и малите претпријатија кои имаат барем 1(еден) вработен во период од 3 месеци. Секое ново отворено работно место ќе биде кредитирано со 3000 евра, а ќе може да се аплицира за отворање на максимум 3 нови работни места, односно сумата која што ќе може апликантот да ја добие изнесува максимум 9000 евра. Рокот на поврат на овие средства кои апликантот ќе ги добие е 3 години, со грејс период од 1 година и со каматна стапка од само 1%, што ја прави мерката исклучително поволна. Апликантот кој добил средства нема да смее да го намали бројот на вработени за кои добил средства во период од 36 месеци, а доколку отпушти некое лице од работа на негово место ќе треба да вработи друго лице. По објавувањето на огласот апликациите ќе може да се доставуваат во Агенцијата за вработување, која во соработка со деловните банки ќе врши одобрување на средствата во период од 30 до 45 денови од завршувањето на рокот на огласот. Во рамките на овој оглас се чини веројатна можноста да бидат објавени и други мерки од Оперативниот план за кои исто така ќе бидат унапредени условите за апликации, за што дополнително би информирале.

Се апелира до сите заинтересирани субјекти да ја искористат оваа поволна можност. Оваа мерка е воведена на почетокот на оваа година и со секој следен објавен оглас расте бројот на апликанти, а досега за шест месеци се одобрени кредити за вработување на над 250 лица, ние очекуваме со најновите измени дополнително да се зголеми овој број. Заинтересираните субјекти на овој начин, со користење на овие поволни и евтини кредитни и финансиски инструменти можат да го прошират својот бизнис и да отворат нови работни места, и да придонесат за раст на своето претпријатие и општиот развој на државата.