Семејството, па дури и малолетната ќерка, му биле „параван“ и ги заглавил во шверц со хероин

Министерството за внатрешни работи, во содејство со Царинската Управа на Р.Македонија, вчера, пресече меѓународен канал на недозволена трговија со хероин на релација од Р.Турција преку Р.Грција и Р.Македонија со крајна дестинација западно европските земји, при што се запленети 2 кг и 430гр високо квалитетен хероин, а од слобода се лишени две лица. Вредноста на наркотичната дрога хероин  доколку би се продал на нарко-пазарот во Западна Европа би достигнала цена од околу 300.000 евра.

При преземени координирани мерки и активности на вчера (31.08.), околу 12,30 часот, на ГП „Богородица“ при влез во Р.Македонија, извршена е контрола на патничко моторно возило „Цитроен Ц 4“ сопственост на рента-кар компанија од Скопје, управувано од скопјанката А.С.(46). При контролата во возилото, односно во багажниот простор под тапацирите во фабричките празнини, беше пронајдена сокриена наркотична дрога хероин (спакуван во пет пакувања од по околу половина килограм), по што истиот е одземен и предаден на Одделот за крим-техника заради вештачење.

Според досега документираните сознанија, Д.Ф. го организирал транспортот на хероинот, на тој начин што претходно ја ангажирал А.С. како транспортер и и помогнал околу пронаоѓање на патничко моторно возило од рент-а-кар компанија од Скопје за користење за одреден временски период за што дал и паричен аванс. По ова, тој на 27.08.2013 заедно со својата малолетна ќерка и со сопствено патничко моторно возило заминал за Р.Турција, а А.С. во истиот период, истотака заминала за Р.Турција со возилото коешто претходно од Д.Ф. било најмено од рент-а-кар компанијата.   

По пристигање во Истанбул-Р.Турција, Д.Ф. го набавил хероинот, којшто го сокрил во ПМВ „Цитроен Ц4“ на паркинг просторот пред хотел „Санџак„ во Истанбул каде заедно престојувал со А.С.

Транспортот до  Р.Македонија се одвивал на тој начин што  Д.Ф. патувал заедно со својата малолетна ќерка со сопстевно ПМВ, а  А.С. го управувала најменото ПМВ и за време на транспортот постојано добивала инструкции од Д.Ф.

Согласно досегашните сознанија на МВР, ваквиот бескрупулозниот начин на кој што Д.Ф. го организирал транспортот на наркотичната дрога не бил за прв пат. Имено, неговата малолетна ќерка е повторно инволвирана во криминалните активности. Првиот пат на 28.05.2012 год. на ГП „Ипсала“ на излез од Р.Турција, при контрола на ПМВ „БМВ“ сопственост и управувано од неговата сопруга, а како сопатник бил неговиот татко и малолетната ќерка, пронајдени и одземени се 38 пакувања со вкупна количина од  19 кг и 650 гр хероин, а неговиот татко и сопруга се наоѓаат на издржување казна затвор во Р.Турција. Освен бескрупулозната злоупотреба на сопствената ќерка, за Д.Ф. било карактеристично и користењето на зголемената фрекфенција на граничните премини поради крајот на туристичката сезона.

Од страна на МВР, денеска до Основно јавно обвинителство Велес, ќе биде поднесена кривична пријава против Д.Ф. и А.С. заради сомнение за сторено кривично дело “Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори”, казниво по чл.215 став 3 од КЗ на РМ и истите ќе бидат предадени на надлежен Истражен Судија.