„Денеска околу 60-мина стручни, искусни и посветени наставници и професори од основните и средните училишта во Охрид се на непрофесионален, недостоинствен и неколегијален начин отстранети од наставно-образовниот процес.
На 38 наставници од основното образование и на 20 професори од средното, со повеќегодишно работно искуство не им се продолжени договорите за времено ангажирање. Не затоа што се нестручни, неискусни и не ги задоволуваат потребните критериуми, туку само затоа што биле ангажирани од страна на претходната локална власт.
ВМРО-ДПМНЕ со тоа покажа дека партиските интереси и се пред интересите на учениците, родителите,и образовните институции.
Владеачката партија исто така на најдрзок начин си поигра со достоинството, дигнитетот и професионалниот интегритет на отпуштените наставници и професори, кои до последен момент беа држани во незивесност дали договорите што им истекуваат на 31.08.2013 година ќе им бидат продолжени. Надеж за тоа им беше дадена со тоа што беа вклучени во креирањето на плановите и распоредите во наставниот процес за новата учебна 2013/2014 година.
На првиот училишен ден ги пречекаа ненајавени отпуштања.
Ова е вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ којашто партизира се што може во државата водејки се исклучиво од лични тесно-партиски интереси. Со тоа јасно покажуваат дека грижата за учениците, наставниците и наставно-воспитниот процес во градот им е на последно место.
ОО на СДСМ од Охрид во текот на денот за ова ќе ги информира сите релевантни меѓународни институции и здруженија во државава.“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ – Охрид.