Доделени првите лиценци за конзерватори

Првите лиценцирани конзерватори (по двајца од Битола, Охрид, Скопје и од Кавадарци и по еден од Штип, Виница, Кочани и од Велес) се археолози, архитекти, историчари на уметноста и уметници кои повеќе години практично се ангажирани во конзерваторската област и се занимаваат со заштита на предмети од дрво, керамика, камена пластика, метал, накит, камен и стакло, мозаици, икони и други сликарски дела, како и на архитектонско културно наследство.

Лиценците ги стекнаа со полагање стручен испит за познавање на прописите за непосредна заштита на културните добра, што е долг, тежок и специфичен процесс.

Министерката Канческа-Милевска рече дека заштитата на културното наследство е во приоритетите на Владата и затоа се преземени мерки за негова систематска конзервација, идентификација, истражување, документација и промоција. 

„Како најважен сегмент во областа на заштитата на културното наследство, секако, е конзервацијата на движните и на недвижните добра од областа на археологијата, архитектурата, етнологијата и книжниот фонд. Сево ова бара специфичен третман со цел културните добра да бидат непосредно заштитетни, да ги задржат автентичните карактеристики и да бидат адекватно презентирани. Токму од тие причини, институциите кои се занимаваат со заштита и презентација на културното наследство имаат потреба од едуциран стручен кадар кој ќе ги следи и ќе ги применува современите трендови во заштитата“, – истакна министерката за култура.

Доделувањето конзерваторска лиценца од Министерството за култура е утврдено со Законот за заштита на културното наследство. Таа му се издава на лице со високо образование од областа на заштитата кое бара да поседува лиценца (архитектура, статика, ликовна или применета уметност, технологија, хемија, физика, биохемија или друга соодветна специјалност).

Министерката информираше и дека до крајот на годинава ќе има вработувања на конзерватори во институциите и ги советуваше да ги следат конкурсите.

Од в.д. директорот на НУ Стоби, Јован Радњански, и од екипата што интензивно работи на локалитетот, министерката беше информирана за тековните активности. Во ископувањата од оваа година се најдени нови 350 артефакти, кои по конзервацијата, заедно со пронајдоците од другите локалитети, ќе бидат презентирани на традиционалната изложба на крајот од годинава.

Комплетно е конзервиран мозаик од 180 квадратни метри од Епископската базилика, конзервирана е и статуата на божицата Изида пронајдена во храмот што и е посветен, а на кој, исто така, се работи на конзервација на темелите.

„Денеска можев да се запознам со неколку проекти што ги реализираме преку Годишната програма на Министерството за култура и со поддршка на Владата на РМ. Среќна сум што видов голем број проекти реализирани според динамиката. На Римскиот театар ќе се открие останатиот лак, а ложата е во фаза на реставрација и конзервација. Министерството за него издвои 2 милиона денари за истражување, а за проектот 1 милиони и 500 илјади денари. Храмот на Изида е веќе конзервиран и следната година ќе биде презентиран заедно со скулптурата на Изида, која е, исто така, конзервирана, ќе се заврши партерното  уредување за да има влезна партија и следната година да биде презентирано пред јавноста“, – изјави Канческа-Милевска по посетата на лабораторијата каде што се конзервираат различни предмети.

Првите лиценцирани конзерватори ги поздрави и Џејмс Вајсман, проф. од Универзитетот Бостон и долгогодишен истражувач на Стоби. Рече дека е прекрасно што е повторно на преубавиот и голем археолошки локалитет во Европа на кој дошол пред многу години и кој со придонесот на многу луѓе станал посетувано  место.