Две години постоење на Музејот на македонската борба за државност и самостојност

Две години постоење на Музејот на македонската борба за државност и самостојност. На свеченоста присуствуваше министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која честитајќи го двегодишното постоење на Музејот истакна дека заложбите на Владата за изградба на еден ваков музејски комплекс кој е значајна инвестиција за нашата држава, гледано од историски, културолошки, образовен и туристички аспект се од огромно значење.

Според министерката за култура бројката на повеќе од 100.000 посетители во овие две години јасно говори дека Музејот на македонската борба е своевидна туристичка атракција за сите домашни и странски посетители на нашата земја. 

„Музејот во овие две години го посетиле туристи од над 50 земји во светот, балканските држави, Турција, Холандија, Германија, Англија, САД, Канада, Египет, Индија, Бразил, Јапонија. Само во јуни, јули и август годинава 33 проценти од странските туристи се оние кои оствариле индивидуална посета на музејот. Меѓу посетителите се голем број личности од политичкиот и јавниот живот како од земјава така и од светот, а дел од импресиите за убавината на музејот и богатството на изложените експонати се запишани и во книгата за впечатоци“, истакна Канческа-Милевска.

Сите бројки и сите анализи, рече таа, го потврдуваат тоа, затоа сакам да им се заблагодарам на сите кои дадоа огромна поддршка во изградбата на овој музејски комплекс, кој ќе го одбележи и минатото, и сегашноста и иднината и ќе оддаде почит и благодарност за сите наши македонски личности кои се бореа за една независна и самостојна држава, нагласи Канеческа-Милевска.

Во делот на едукативниот аспект, Канческа-Милевска истакна дека Музејот овозможи интерактивна комуникација и со учениците. 

„Во овие две години над 40.000 ученици го имаат посетено Музејот, каде што можат да остварат навистина едукативна интерактивна комуникација со сето она што го изучуваат во книгите и да се запознаат со сето она што е презентирано во Музејот“, рече министерката за култура.

Таа потсети дека оваа институција обрнува големо внимание и за лицата со инвалидитет. За таа цел изработен е и музејскиот каталог на брајово писмо, за потребите на лицата со оштетен вид.

Директорот Бранислав Светозаревиќ истакна дека во овие две години Музејот  на македонската борба оствари соработка со други сродни институции од нашата земја, но и со музејските  установи од повеќе држави во Европа и светот, што е од особено значење за размената на искуства и нови знаења од областа на музеологијата. 

„Музејот на македонската борба остварува исклучително добра соработка   со Универзитетот Кирил и Методиј од Скопје, а од особено значење е меѓународна валоризација на квалитетот и значењето на овој музеј преку презентација на музејските содржини и концепцијата на поставката на Музејот на македонската борба на катедрите по музеологија и историја во британскиот универзитетот во Леичестер, рускиот универзитет од Санкт Петерсбург, предавањата во рамките на летната школа на Приморскиот универзитет во Пиран  како и соработката со Форумот на словенски култури. Од особено значење е и фактот дека Музејот ќе биде претставен пред директорите на музеите од Азија и Европа во кинескиот град Џијанг“, рече Светозаревиќ.

Најголемото признание за квалитетот на музејот, рече тој, е номинацијата на оваа установа од Европската музејска академија, каде во конкуренција на 21 врвна музејска институција во Европа музејот доби специјално признание за најголеми достигнувања во зачувувањето на националното богатство во европската практика.

Музејот на македонската борба, има одлична соработка и со средното музичко училиште Илија Николовски Луј од Скопје, чии ученици,  изведуваат тематски револуционерни песни во сите одделенија на Музејот, со што поставките стануваат уште поавтентични, и амбиентално веродостојни.

Според Светозаревиќ во овие две години од своето функционирање музејот континуирано ги збогатува програмски содржини. Во моментов  во рамките на музејската поставка се презентирани 109 восочни фигури и 16 уметнички слики-портрети на најпознати македонски дејци, револуционери и интелектуалци, 80 уметнички слики-масовни сцени на значајни настани од македонското револуционерно минато, макети, карти, оригинални предмети: документи, фотографии, весници, брошури како и разновидно оружје: сабји, кубури, бајонети, револвери, пушки, двогледи и др.

Збирката на оргинални предмети досега брои 1187 експонати. Од нив, само годинава откупени се 167, а   267 предмети и документи се подарени.

Во рамките на одбележување на двегодишнината од отворањето на Музејот на македонската борба беше  презентирана и најновата донација кон музејската колекција. Станува збор за исечоци од весници „Ла петит Журнал“ од 1903 година.  Овие илустрации се само уште една потврда за интересот на  европската јавност за  следење на  случувањата во тој период. 

На свеченоста по повод одбележувањето на вториот роденден на Музејот, беа доделени плакети и парична награда за најдобрите музејски работници и благодарница за најдобар надворешен соработник на Музејот.