Со 62 собрани единици крв, успешно заврши денешната крводарителска акција, под мотото „Охрид спасува животи“. Акцијата која се реализира на градскиот плоштад „Св.Климент Охридски“, а по повод Светскиот ден на Првата помош, беше во организација на Општина Охрид и Црвениот Крст од Охрид.
Голем број крводарители од Охрид уште еднаш ја искажаа својата хуманост и спремност да ја даруваат својата крв за да им помогнат на оние на кои им е неопходна. Акцијата беше поздравена од Градоначалникот Никола Бакрачески, кој лично им се заблагодари на крводарителите за нивниот хуман геста, а Секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески и директорот на Ј.П „Градски гробишта“, Зоран Симоновски, беа дел од граѓаните кои конкретно ја поддржаа оваа акција и даруваа крв.
„Особено радува фактот што преку 70% од дарителите беа млади луѓе, кои влегуваат во водите на хуманоста со дарување на најдрагоцената течност. Но, на денешниот Светски ден на првата помош, покрај крводарителите, хумани беа и голем број посетители на пунктовите за укажување на прва помош на Црвен крст – Охрид, кои од инструкторите по прва помош ги добија основните знаења, и техники за укажување на прва помош и спасување живот. На Градскиот плоштад, тимот за прикажување на реалистичен приказ на повреди на Црвен крст – Охрид и екипата по Прва помош изведоа неколку атрактивни симулирани показни вежби на повреди, укажување на Прва помош на повредени, според соодветно сценарио“, – истакна Сашо Точков, претседател на Црвен крст – Охрид.
Од Црвен крст – Охрид изразуваат голема благодарност до сите хумани луѓе кои директно или индиректно ги помогнаа денешните хуманитарни активности.
Општина Охрид и Црвениот Крст од Охрид, од месец април до денес, реализираа повеќе заеднички акции за поддршка на граѓаните, посебно на оние од ранливите категории. Одличната досегашна соработка, во иднина ќе се интензивира со реализација на повеќе социјални програми.