Втора самостојна изложба – „Соединување“ од Анета Вршкоска Јованоска

Вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“ – Охрид беше отворена втората самостојна изложба од Анета Вршкоска Јованоска под наслов „Соединување“.

„Соединување“ за Вршкоска Јованоска претставува многу значајна изложба, бидејќи како што рече, името на оваа изложба и го дал нејзиниот син.

„Скоро година дена е реализацијата и идејата за овој проект кој за мене е многу значаен, бидејќи името на изложбата го даде мојот мал син. Шетајќи низ планина видовме како дрвата и камчињата се соединети, па така пробав на еден малку поинаков начин да ги поврзам дрвата и каменот, она што е вечно и она што сме ние самите. Скоро сите  камчиња се од нашата околина, повеќето се од Градиште и од месноста кај Специјалната детска болница, меѓутоа тие што се најокругли камчиња се дури од Франција од Корзика“, – изјави охриѓанката Анета Вршкоска Јованоска.

Вршкоска Јованоска и во иднина најави нови проекти, но и дека продолжува со својата хуманост.

„Нема да застанам тука, уметноста продолжува да живее во мене. Во иднина планирам да си продолжам да си бидам хумана, така да дел од овие парчиња тука ќе бидат дадени на Црвен Крст Охрид и ќе бидат користени во хуманитарни цели“, – вели  Вршкоска Јованоска.

WebOhrid