Македонскиот систем за воздухопловна навигација ќе се надградува со опрема од 16 милиони евра

Македонскиот систем за воздухопловна навигација М-НАВ а.д Скопје ќе се надградува со нова опрема  во вредност 16 милиони и 150 илјади евра. Од нив 11.150.000 евра за набавка на опремата се обезбедени со кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а со 5 милиони евра сопствени средства учествува М-НАВ. За потребите на проектот ЕБОР ќе обезбеди и грант за техничка соработка во вкупен износ од 600.000 евра.

Кредитот го потпишаа извршниот директор на М-НАВ Николет Тагaрински и Сју Барет, директор на транспортниот тим на ЕБОР, во присуство на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. М-НАВ ќе го враќа заемот од  надоместот што го наплаќа за прелети. Рокот за отплата е 12 години, со грејс период од 3 години. Каматната стапка е еднаква на тримесечен ЕУРИБОР зголемен за 3,75 проценти на годишно ниво.

Проектот претставува прв кредит без државна гаранција одобрен од ЕБОР за транспортниот сектор, наменет за хармонизација на македонската воздухопловна навигација со заедничкиот европски воздухопловен сектор. Со кредитот ќе се врши набавка и инсталација на нов систем за контрола на летање, што ќе треба да биде подготвен да опслужува и до 2.500 прелети дневно и 280.000 на годишно ниво до 2028 година, систем за говорна комуникација, за радиопредаватели, дигитален систем за снимање на говорната комуникација  во контролата на летање, нов радар кај скопскиот аеродором и надградба на постоечкиот радар во Охрид.

Министерот Јанакиески  по потпишувањето на договорот истакна дека по 14 години почнува нов циклус на инвестирање во навигацискиот систем на Македонија, со што драстично ќе се зголемат капацитетот и приходите на М-НАВ. До 2016 година, истакна, Македонија ќе има целосно нов систем за навигација.

„Се очекува според сите најави кон средината на идната година конечно да се отвори небото над Косово, исто така ќе се набави нов АТМ систем, што исто така ќе ја подобри  работата на навигацискиот систем пред се во делот на оптмизација на сообраќајот, а со тоа и скратување на дел од траекториите и до 5 проценти, намалување  на временските загуби. Значи целосна оптимизација на рутите над македонското небо, а со тоа ќе се зголеми и имиџот на компаниите. Овие инвестциии се неопходни со цел да се следат сите европски трендови и целокупната документација за набавката на системот се работи  заедно помеѓу претставниците на М-НАВ ио Еуроконтрол“, рече Јанакиески.

Според Николет Тагaрински, извршен директор на М-НАВ, ќе се  спроведат седум главни проекти кои  во следните три  години што треба да овозможат зголемување на капацитетите на системот за контрола на летање, подобрување на ефикасноста на услугите и задржување на сегашното ниво на безбедност и негово натамошно подобрување. Предвидено е системите да овозможат справување со зголеменото ниво на сообраќај во однос за сегашното  за трипати повеќе за периодот до 2028 година, а пред се да се одговори на предизвикот со отворањето на косовското небо што се очекува за средината на следната година,  укажа Тагарински.

Моментно М-НАВ  во единица час во летен период опслужува  61 прелет, а во оптимални услови и до 90 летови во час.  Максималните постигнати бројки летово се над 650 прелети во најоптоварените денови во август или вкупно 700  вклучувајќи и полетувањата од Охрид и Скопје.  По отворањето на косовското небо, појасни Тагaрински, најрезервираните сценарија се дека ќе има зголемување од минимум  20 проценти на бројот на прелети бидејќи воздушните патишта што се користат сега го заобиколуваат Косово, а со самото тоа  и во голем дел случаи нашиот воздушен простор, и поминуваат низ Албанија и Бугарија. – Според сценаријата  и симулациите на Еуроконтрол што се подготвени за одредени денови од август 2011 односно како би изгледало  доколку било отворено косовското небо тогаш се со уште поголеми параметри односно со 35 проценти зголемување. Значи  тоа е сериозен предизвик со којшто треба да се справиме. Времето е кратко, таргетираната дата  според акцискиот план на Еуроконтрол е 3 април следната година,  најави Тагaрински.

По основ на надомест од прелети М-НАВ лани наплатила 10,5 милиони евра, а зголемување очекуваат по отворањето на косовското небо.

Директорот на транспортниот систем на ЕБОР Барет  оцени дека проектот на М-НАВ ќе ги подобри безбедноста и ефиканоста на услиугите што ги нуди.

„Освен надградба на опремата со него ќе се поддржи и институционално јакнење на службите за воздушна пловидба, преку усогласување со европските стандарди. Ова е четврт наш проект во македонскиот воздухопловен сектор. Кредитите во транспортниот сектор од ЕБОР во Македонија изнесуваат 352 милони евра, што е една третина од вкупните кредити“, наведе Барет.

извор: МИА

VozduhoplovnaNavigacija2