Во рамките на економскиот дел од работната посета на Соединетите Американски Држави, владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски, вчера (вторник, 24.09.2013 година), присуствуваше и се обрати на бизнис форум во американскиот град Принстон, Њу Џерси, каде што пред триесетина претставници на американски компании од областа на производството, медицината, туризмот, автомобилската индустрија беа претставени поволностите за инвестирање во нашата земја.
Премиерот Никола Груевски во своето обраќање се осврна на поволностите кои нашата земја ги нуди за странските инвеститори, а кои пред се се огледаат во најниските трошоци за водење бизнис во Европа.
Македонија континуирано ја унапредува бизнис климата, и добива позитивни оценки од релевантните меѓународни организации за тоа што го прави. Заради нашите реформи и добра бизнис клима во изминатиов период голем дел на странски компании отворија капацитети во Македонија, или донесоа одлука за отворање на бизнис, и тоа е најдобриот доказ дека има резултати, истакна премиерот Груевски.
Тој ги повика американските компании да ја посетат Македонија и да се уверат во она што се презентира на бизнис форумот.
Би ве поканил сите вас што сте заинтересирани да инвестирате во Европа да ја посетите Македонија и да разговарате со инвеститори од странство кои веќе инвестираат во Македонија во последните години, да ги проверите сите овие работи за кои зборувавме, затоа што е многу покредибилно некој што веќе инвестирал да зборува за ова отколку Владата, и да ви се потврди дека и самите инвеститори ќе го кажат истото што ние го кажуваме. Да анализирате и да ги споредите поволностите што ние ги даваме со поволностите на други земи во Европа и пред да донесете одлука да ги согледате сите информации за Македонија бидејќи силно веруваме дека ќе видите дека Македонија е вистинското место за вашата инвестиција, изјави премиерот Груевски во своето обраќање.
Вицепремиерот Зоран Ставрески се осврна на нискиот даночен пакет и на стабилноста на макроекономските индикатори кои гарантираат предвидливо и добро бизнис опкружување.
Стартуваме денес од Принстон, па продолжуваме во Чикаго и Бостон, каде што имаме презентација на условите за инвестирање во Република Македонија, со цел да заинтересираме и нови американски компании. Како што знаете веќе во Македонија се присутни некои американски компании како што се „Џонсон Контролс“, „Кемет Електроникс“, но има и некои други компании од други сектори со кои сме во преговори, така да верувам дека имаме доста што да кажеме и презентираме. Интересот е голем кога станува збор за Република Македонија како дестинација со најниски даноци во Европа, со поволна бизнис клима за инвестиции, имаме и макроекономски добри и стабилни услови и сето тоа кај американските компании наидува на интерес, изјави вицепремиерот Ставрески.
Американските бизнисмени присутни на настанот позитивно ја оценија нашата стратегија за привлекување на странски инвестиции. Ова е добра можност да се видат сите поволности кои Македонија ги нуди на странските инвеститори, како човек од бизнисот кој работи бизнис во областа на здравствената заштита согледав извонредни можности, ова е многу пријателски настроена земја и можно е да се насочи дел од нашиот капитал во Македонија, изјави Хенри Аморосо од компанијата „Невел Кемпбел“.
Министерот Веле Самак во својата презентација се осврна на можностите за покривање на поголем пазар со производство од Македонија, што се обезбедува преку договорите за слободна трговија, како и прифатливата цена на трудот кој би можело потенцијално да се ангажира од инвеститорите.
Директорот Висар Фида ги презентираше даночните ослободувања кои постојат во технолошко индустриските развојни зони, и државната помош која се дава на инвеститорите за градење на капацитети и обука на вработените.
Владината делегација денеска продолжува со презентација на поволностите за странски инвестиции на бизнис форум во Чикаго.