Безбедни училишта – хармонична средина

Како дел од проектот за безбедни училишта поддржан од страна на ОБСЕ, илјадници ученици од девет градови низ државата денеска се собраа за да испратат универзална порака против насилство во училиштата.

Илјадници ученици од средните училишта од Охрид, Битола, Тетово, Прилеп, Гостивар, Македонски брод, Кичево, Струга и Скопје, поддржани од претставници на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи, локалната самоуправа, наставници, родители и граѓани се собраа на главните плоштади за да испратат единствена порака против насилството во училиштата.

Под мотото „Безбедни училишта – хармонична средина“ денеска на градскиот плоштад во Охрид преку игра и песна, учениците од општинските основни училишта „Григор Прличев“, „Свети Климент Охридски“ и средните општински училишта ОСУ „Св. Климент Охридски“, ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ и ОУТУ „Ванчо Питошески“ испратија гласно НЕ на насилството и ДА за создавање свет на меѓусебно почитување и толеранција.

На хепенингот кој беше во организација на Локалната самоуправа, ОБСЕ и Министерството за внатрешни работи пригоден збор имаше секретарот на Општина Охрид, м-р Димитар Спасески.

„Младите се оние кои ја креираат иднината и да го понесат товарот на општеството. Стекнувајќи се со соодветно образование тие се среќаваат со доста препреки. Во текот на образовниот процес, нивната безбедност е една од најважните работи за нормално одвивање на истиот. Преку имплементација на проектот Безбедни училишта, хармонична средина, сметаме дека безбедноста на учениците значително ќе се зголеми. Со овој проект ќе се изгради доверба и ќе се одберат најдобрите практики во рамките на превенцијата на конфликтите. Моделот за безбедност кој ќе го изведиме со проектот ќе биде корисен и ќе продолжи да се практикува во иднина. Намалувањето на криминалот, инцидентите и насилното однесување на младите во училиштата се главните цели кои ние си ги зацртавме“, – истакна секретарот Спасески.

Секретарот Спасески додаде дека Општина Охрид е секогаш тука да ги поддржува ваквите проекти кои помагаат младите правилно да го изградат својот успешен пат. Како што рече безбедноста на учениците мора да биде на највисоко ниво и заедничка грижа за сите.

„Ние, децата, учиме од она со што живееме: Ако ние живееме со охрабрување, учиме самодоверба. Ако ние живееме во толеранција, се учиме на трпение. Ако ние живееме со пофалби, учиме да цениме. Ако ние живееме со прифаќање, учиме за љубов. Ако ние живееме со споделување, учиме за великодушност. Ако ние живееме со чесност и праведност, учиме дека постојат вистина и правда. Ако ние безбедно живееме, учиме за вербата во себе и во оние околу нас. Ако ние живееме со пријателство, учиме дека светот е пријатно место за живеење. Почитувани родители, пријатели, ако живеете во мир, вашето дете ќе живее во мир“, – порачаа младите.

WebOhrid