Вевчанскиот „Жорж Данден“ вечерва во Скопје

 Претставата „Жорж Данден“ на Патувачкиот театар „Поклони се и падни“ од Вевчани, која претходно доживеа неколку успешни изданија низ Македонија, вечерва ќе се прикажува пред скопската публика. Љубителите на театарот од 20 часот во Драмскиот театар ќе уживаат во драмското дело, на текст од Молиер а во режија на Ѓорѓи Ризески,  сработено по вевчанскиот рецепт со немирен и нескротлив дух. 

 КУД „Дримкол“ од Вевчани како сериозна културна институција во Македонија достојно и професионално работи на развој и презентација на сценско-уметничките дејности во нашата држава и надвор од неа.

 Театарската дејност е составен дел на ова друштво која е обединета во рамките на Патувачкиот театар „Поклони се и падни“ кој години наназад поставува и презентира драмски текстови на домашни и странски автори.

 Инаку вевчанската „Жорж Данден“  преку вистинско естетско доживување, со сценографија типична за животот од тој крај и изворедната актерска игра, говор и хумор зачинет со вевчански белег, го отсликува  спојот  на провокативен став кон животот и традицијата на поднебјето во кое живееме. Преку ликот на Жорж Данден, младиот режисер ја испраќа пораката за животот, но и дилемата -колку сме подготвени да ги прифатиме промените. Режисерот од ЕСРА универзитетот ја открива дилемата, вреди ли да се трпи неправда?

„Пораката е токму тоа, да се чуваат сите луѓе од оние кои прават маски, кои пробуваат да ја цицаат крвта од нивните џебови. Животот секогаш продолжува што и да се случи и покрај тоа што семејството повеќе не може да се сочува“, вели Ризески.

„Вевчанскиот театар има стандарди кои мора да се почитуваат, Тој секогаш е посебен, специфичен и непокорен“, велат актерите во претставата.

 Вевчани е позната општина каде се негува најдолгата традиција на карневалот, исмејувањето, сатирата. Вевчанци велат дека сето тоа се должи на нивната уникатност.