Пронајдени и одземени 15 килограми марихуана во атарот на Љубаништа

Во акција за сузбивање на прекуграничниот криминал изведена синоќа во атарот на селото Љубаништа, охридската гранична полиција пронајде и одзеде околу 15 килограми опојна дрога марихуана.  

Акцијата на граничната полиција, синоќа околу 21 часот се реализира со поставување на полициска заседа во приграничното планинско подрачје на илегална патека која од албанска територија води кон територијата на Република Македонија и излегува на регионалниот пат Св.Наум-Охрид. 

Девет паковања марихуана завиткани во црна најлонска кеса, граничните полициски службеници пронајдоа синоќа додека седум паковања се пронајдени денес сокриени во автомобилска гума оставена во близина на лозјата на илегалната патека. 

Одземената марихуана ќе биде доставена на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.

Охридската регионална граничната полиција презема мерки за утврдување на идентитетот на две лица најверојатно албански државјани, кои синоќа ја пренесувале марихуаната.

Droga_atar_Ljubanista_02