„Допинг во спортот“ значи употреба на фармаколошки допинг примероци (супстанци), односно, средства, или, пак, допинг методи од страна на спортисти. „Фармаколошки допинг примероци, односно, средства, или, пак, допинг методи“ се оние фармаколошки допинг примероци или методи кои се забранети од страна на меѓународни релевантни спортски организации и се појавуваат на документ одобрен од страна на Мониторинг групата при Советот на Европа одговорна за спроведување на Меѓународната конвенција против допингот во спортот на УНЕСКО, односно, на Листата на забранети супстанци и методи на Светската анти-допинг агенција или Меѓународниот олимписки комитет каде членка е и нашата земја.
Република Македонија ја има ратификувано Меѓународната конвенција за борба против допингот на УНЕСКО на 19 август 2008 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 103/08).
Пристапувајќи и придружувајќи се кон принципите и целите на Конвенцијата, Република Македонија презема обврска да спроведе сопствена национална политика во однос на борбата против допингот во спортот.
Национално координативно тело за борба против допингот во спортот е, всушност, Комисијата за анти-допинг при Агенцијата за млади и спорт.
Покрај спроведувањето допинг контроли изминатиот период, Комисијата е активна и во делот на мултилатералната соработка во рамки на Регионалната анти-допинг агенција која е дел од Светската анти-допинг агенција ВАДА.
Повикувајќи се на Меѓународната конвенција против допингот во спортот на УНЕСКО која преку инструментот на нејзина ратификација е дел од македонското законодавство, покрај обврските произлезени од овој правен инструмент за вршење допинг контроли, Република Македонија, преку Националната анти-допинг комисија при Агенцијата за млади и спорт, и во претстојниот период ќе реализира годишни програми кои опфаќаат вршење допинг контроли врз македонски спортисти, вклучително кампањи за подигање на свеста во оваа сфера на сите повикани страни вклучени во спортот.
Во таа насока, Агенцијата за млади и спорт аплицираше и за прв пат од формирањето на Комисијата доби грант од „Фондот за елиминација на допингот од спортот“ на УНЕСКО во висина од 20.000 УСД, средства кои ќе се употребат за развој на националната анти-допинг програма токму во делот на подигање на свеста на сите повикани страни вклучени во спортот каде постои ризик од употреба на допинг.