Со медијацијата до поефикасно, побрзо и поекономично решавање на споровите

Портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев на прес-конференција истакна дека Владата на Република Македонија го усвои предлог законот за медијација. Со ова законско решение се врши крупна и суштинска реформа на дел од правосудниот систем, реформа која ќе помогне медијацијата да добие на својата видливост и присуство во решавањето на споровите помеѓу субјектите, но и реформа која ќе ги растовари судовите од обемниот број на предмети, а пред се ќе помогне на субјектите, граѓаните и правните лица.

Медијацијата беше воведена во Република Македонија пред неколку години. Анализите покажаа дека таа не ја оствари целта која беше поставена, односно не дојде доволно до израз како значајна алатка, имаше многу мало присуство и ефикасност. Владата подолг период правеше анализи за причините за ваквите состојби, истовремено правеше и истражувања и анализи на кој начин и со какви подобрувања може да се унапредат состојбите.

Беше увидено дека е потребно донесување на сосема нов закон, кој во себе ќе предвиди сериозни и суштински решенија, голем број на новини кои се од интерес за процесите. Притоа беа користени најдобрите  европски практики, искуствата на европските земји, а особено помошта од Кралството Холандија. Ова законско решение носи нов квалитет и значително ќе ги подобри состојбите.

Предвидени се голем број на крупни и сериозно, суштински новини меѓу кои и:

-предвидување на случаи и ситуации каде медијацијата се јавува како задолжителна постапка пред започнувањето на судски процес;

-засилување на улогата на медијаторот преку инсистирање на квалитет, стручност, способност и кредибилитет на медијаторот

-поддршка на државата во развојот и промоцијата на медијацијата и субвенционирање на постапки на медијација;

-дефинирање и прецизирање на улогата на Комората на медијатори во насока на засилување на нејзината позиција како лидер во процесите, но и предвидување на принципи за нејзина одговорност;

-воведување на ново тело Одбор за медијација, кое ќе е централно тело на медијацијата со голем број на ингеренции на предвидување на нормативните и принципиелни рамки на медијацијата.

Прво, со новиот закон за медијација се воведува обврска за задолжителен обид за медијација и тоа пред почнување на судската постапка и тоа во случаи кои ќе бидат прецизирани со посебните материјални закони. Во собраниска процедура веќе се законски измени на законот за парнична постапка со кои се предвидува задолжителен обид за медијација кај стопанските спорови кои се во вредност до 1.000.000 денари. Во владина процедура пак се законски измени со кои ќе биде предвиден задолжителен обид за медијација во поедини случаи од семејното право и правото на заштита на потрошувачите. На овој начин ќе се растоварат судовите од голем број на постапки, а странките ќе можат во еден процес кој е економичен и поефикасен да ги надминуваат споровите.

Второ, огромна новина е предвидувањето на новата улога на медијаторот, со доминантна карактеристика на квалитет, стручност и способност на медијаторот. Тој како централна фигура во процесот со својот кредибилитет треба да стане синоним за препознавање на медијацијата како ефикасно, ефективно и делотворно правно средство, и на тој начин да даде поголема видливост на медијацијата.

Медијатор ќе може да стане лице кое ќе положи испит за медијација, и на кое ќе му биде издадена лиценца.

Испит за медијатор можат да го полагаат лицата кои до Министерството за правда доставиле пријава за полагање испит заедно со доказ за:

а) завршено високо образование VII/I или 300 кредити според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС) во Република Македонија;

б)  завршена обука според акредитирана програма за обука на медијатори од најмалку 70 часа во Република Македонија

в) најмалку три години работно искуство по дипломирањето;

г) проследени најмалку четири постапки за медијација;

д) спроведен психолошки тест и тест на интегритет издаден од лиценцирано стручно лице;

ѓ) уверение за државјанство на Република Македонија;

е) најмалку пет препораки од лица кои професионално го познаваат апликантот.

Испитот се состои од три дела и тоа:

-прв дел (теоретски дел), со кој се проверува теоретското знаење,

-втор дел (студија на два случаи), со кој се проверува способноста за спроведување на процес на медијација во практиката, и

– трет дел, во кој се оценуваат личните особини, карактеристики и практичните вештини, способности и знаења за медијација.

Испитот се полага писмено по електронски пат, со одговарање на определен број прашања во вид на решавање на електронски тест на компјутер, а третиот дел на испитот се реализира како интервју со лицето.

Испитот се полага во просторија за полагање на испит, посебно опремена за полагање на стручен испит со материјално – техничка и информатичка опрема, интернет врска и опрема за снимање на полагањето. Полагањето на испитот се снима и во живо се емитува на веб страницата на Министерството за правда,

Исто така, новост е воведувањето на одговорност за штета на медијаторите и нивната обврска да склучат осигурување спрема трети лица на износ не помал од 50.000 евра.

Трето, предвидено е медијацијата да се субвенционира, и тоа само во случаи ако постапката за медијацијата не е предвидена како задолжителна со посебниот закон, и ако истата била спроведена пред започнување на судска постапка, една од страните во постапката за медијација е физичко лице, а медијаторот го пријавил предметот за медијација како завршен во Регистарот за евиденција на постапките за медијација, и презентирал трошковник на пропишан образец за наплатени трошоци на постапката за медијација и наградата на медијаторот. Тоа се општите услови за посебните услови ќе ги определеи министерот за правда со посебен подзаконски акт. Пропишано е дека државата субвенционира само една постапка за медијација помеѓу исти страни за еден спорен однос со цел да не дојде до злоупотреби и да се спречи за еден ист спорен однос помеѓу исти странки да  се користат  субвенции од  државата.

Четврто, се воведува ново тело кое ќе има централна улога во медијацијата, а тоа е Одбор за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата

Одборот е составен од 10 члена именувани од Владата на Република Македонија,  и тоа: по еден член од Комората од редот на медијаторите, од Судскиот  совет, од Адвокатската комора на Македонија, од  Интер -универзитетската конференција, од Комората на психолози на Македонија, од Министерството за правда, од Министерството за труд и социјална политика, од Министерството за економија, од редот на стопанските комори во Република Македонија; и од Здружението на потрошувачи на Република Македонија.

Членовите на Одборот се именуваат за време од четири години. Едно лице не може да биде именувано за член на Одборот повеќе од двапати едноподруго. Претседателот на Одборот се именува за период од четири години без право на реизбор.

Одборот, врз основа на начелото на самостојност и стручност, ги врши следните работи:

а) ја  утврдува исполнетоста на условите за издавање на уверение за завршена обука на медијатори;

б) ја формира базата на прашања за полагање на испит за медијатори;

в) ги утврдува испитните сесии и ги издава уверенијата за положен испит;

г) ги издава лиценците за медијатори и за обучувачи на медијатори;

д) акредитира  програми за обука на медијатори и креира систем на следење на постапки на медијација во рамки на обуката за лицата кои посетуваат обука за медијатор ;

ѓ) води регистар на обучени медијатори, обучувачи на медијатори, односно акредитирани програми за обука на медијатори;

е) ја утврдува методологијата и начинот за вршење на мониторинг и евалуација на квалитетот на работењето на медијаторите, обучувачите на медијатори, односно спроведувањето на акредитираните програми за обука на медијатори, го следи и оценува квалитетот на работењето на медијаторите, обучувачите на медијатори, односно спроведувањето на акредитираните програми за обука на медијатори, и врз основа на резултатите од периодичната евалуација донесува одлуки за продолжување или одземање на лиценците, односно акредитациите;

ж) ги разгледува и одлучува по поплаките на работењето на обучувачите на медијација, односно спроведувањето на програмите за обука за медијација;

з) врши други работи утврдени со закон.

Петто, во однос на Комората на медијатори, во законот се внесени големи новини, во споредба со постојниот систем, од причина што досегашната пракса на функционирање на Комората укажа дека нејзината организацијата и правила се недоволно функционални и неоперативни. Комората на медијатори e предвидена како здружение на лиценцираните медијатори впишани во  Именикот на медијатори. Детално се уредени  актите на Комората, органите на Комората и начинот на нивниот избор, нејзиното финансирање,  надзорот над  нејзината работа и сл. Голема новост е воведувањето на Етичкиот совет на Комората, кој одговара директно на Собранието на Комората.

И на крај, со законот се предвидува во преодните и завршни одредби:

-Во рок од еден месец од денот на влегување во сила на овој закон да се формира Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата.

-Во рок од два месеци од денот на влегување  во сила на овој закон Одборот ќе ги формира стручните и испитните комисии согласно одредбите на од овој закон.

-Во рок од девет месеци по формирањето Одборот ќе го организира првиот испит за медијатори.

-Во рок од 10 месеци по формирањето, Одборот ќе отпочне со  постапката за лиценцирање на медијаторите.

Владата цени дека со ова ново законско решение ќе се остварат поголем број на придобивки и за странките и за општеството, ќе се даде поголема видливост и искористеност на медијацијата како соодветно ефикасно, ефективно и економично средство за решавање на спорови, со решенија без поразени и победници, ќе се растоварат судовите од голем број на предмети, а споровите ќе може да се решаваат на конструктивен начин.