Кампања за пензиско штедење наменета за учениците и студентите

Под мотото „Моето друштво е мој избор, а штедењето мојата иднина“, министерствата за образование и наука, за труд и социјална политика, МАПАС, КБ Прво пензиско друштво, НЛБ Нов пензиски фонд, започнаа информативно -едукативна кампања со цел учениците од завршните години од средните стручни училишта и студентите да се запознаат со нивните права и обврски кои произлегуваат од пензиската реформа.

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски рече дека ваквата кампања е од особен интерес за учениците бидејќи добрата информираност ќе придонесе тие правилно да бидат вклучени во системот без можност поради неинформираност да бидат доведени во состојба некој да ги злоупотреби.

„Учениците и студентите се значајна целна група на која што треба да им се посвети внимание со појаснување на нивните права и обврски во пензискиот систем, нивната активна улога и носење одлуки. Ваквата едукативна кампања е од големо значење за нивна едукација и нивно понатамошно вклучување во системот“, изјави Ристовски.

Министерот за труд и социјална политика Диме рече дека кампањата е наменета пред се за учениците затоа што тие по завршување на образованието ќе се вклучат во работниот процес и со тоа ќе станат задолжителни членови во првиот и вториот пензиски столб.

„Едукацијата ќе се спроведува преку 20-минутна презентација во рамки на редовната настава. Заради поедноставно воведување на младата популација во капиталното финансирано пензиско штедење и нивните права и можности подготвена е брошура која на едноставен начин ја прикажува улогата на младиот човек во пензиското штедење “, изјави Спасов.

Кампањата ќе се спроведе преку презентации во 75 стручни училишта и на високообразовните институции.