Шолнок 81-69 МЗТ Скопје

Преголемиот број допуштени офанзивни скокови на противникот и слабиот процент на реализација се главните причини за првиот пораз на МЗТ Скопје Аеродром сезонава во АБА лигата, доживеан на натпреварот во Унгарија против Шолнок со 81-69.

Иако солидно го почнаа натпреварот, а првата четвртина ја завршија и со предност од 16-15, кошаркарите на МЗТ Скопје одиграа многу слаб втор период во кој Шолнок направи пресврт и на полувреме водеше со 35-24. Помогнат од полните трибини во салата во Унгарија, домашниот тим главната предност ја направи под обрачите, каде само во првите 20 минути прифати 11 офанзивни скокови, наспроти само едниот кој го оствари МЗТ Скопје.

Во третата четвртина, МЗТ успеа да намали на едноцифрена негатива, но повторно следуваше серија поени на разиграниот домашен тим од 14-1, кога Шолнок стигна и до највисока предност од 53-31. Во последниот период, тимот на Влада Вукоичиќ заигра многу поагресивно под кошевите, го примора противникот на неколку загубени топки во низа и се приближи на шест поени негатива на три минути до крај. Сепак, неколкуте грешки во организацијата во последните минути Шолнок знаеше да ги казни и ја задржа и зголеми предноста до крајот за конечни 81-69.

Дамјан Стојановски со 14 поени беше најефикасен кај МЗТ Скопје, а солидно одигра и Стефан Синовец, особено при резултатското враќање на МЗТ. Плејмејкерот Вили Ворнер беше предводник на победата на Шолнок со 17 поени.

Со една победа и еден пораз, МЗТ во третото коло од АБА лигата ќе го пречека Будуќност во натпревар кој ќе се одигра во сабота во СЦ „Борис Трајковски“.