Најмладите од градинката „Јасна Ристеска“ денес беа дел од проектот „Недела на движењето“

По повод Светската „Недела на движењето“ Ј.П. „Билјанини Извори“ во соработка со Федерацијата за рекреативен спорт организираа неколку спортски настани за децата од градинките, основните училишта и рекреативците.

„Ова е еден проект на ЕУ. Оваа година се вклучени околу 30 држави, за среќа и задоволство можам да кажам и Македонија е вклучена, а со тоа и Охрид. Така што оваа година ние постанавме дел од овој проект, се надевам во наредните години, со оглед дека до 2020 е предвиден да трае овај проект ќе настапиме поамбициозно и поорганизирано и со многу поинвентивни, креативни спортски активности“, – изјави в.д директорот на ЈП „Билјанини Извори“ Иван Цветкоски.

Денеска во спортската сала „Билјанини Извори“ се одржаа организираните спортски игри за децата од ЈОУДГ „Јасна Ристеска“, објект „Лихнида“. На настанот учество зедоа децата од поголемите групи од градинката.

„Целта на неделата на движењето е да се промовира спортот, физичката активност, учествувањата во спортот како еден начин на живот, еден здрав начин на живот“, – додаде Цветкоски.

Утре со почеток во 15:00 часот во спортската сала во О.У. „Григор Прличев“ ќе се организираат спортски игри.

Третиот настан по повод Светската „Недела на движењето“ е „Aerobic Open Day“ кој ќе се одржи на 12 октомври (сабота) во спортска сала „Билјанини Извори“ со почеток во 20:00 часот.

Цветкоски вети дека и во иднина ќе има уште многу вакви активности и како што рече  сето тоа ќе биде позитивно оценето од страна на граѓаните.

Покровители на настанот се Агенцијата за млади и спорт и Меѓународната асоцијација за спорт и култура ISCA со седиште во Копенхаген.

Помагатели на настанот се Федерацијата на училишен спорт и Факултетот за физичка култура.

WebOhrid