Владата го продолжи рокот за земјоделски субвенции до 20 октомври

Владата на денешната седница одлучи рокот за поднесување апликации за добивање земјоделски субвенции да биде продолжен до 20 октомври годинава. Субвенциите се однесуваат за поледелство, сточарство и аквакултура.

Ова денеска го изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев кој истакна дека во овој рок сите земјоделци ќе можат да ги поднесат своите апликации, да поднесат документација врз основа на која,  како што рече, ќе добијат средства кои оправдано ги заслужиле со својот вложен труд.

Тој образложи дека оваа одлука е донесена по поголем број теренски посети кои ги извршиле специјализирани владини тимови, министрите и од известувањата од земјоделците и земјоделските здруженија.

„Беше утврдено дека добар дел земјоделци не стигнале во рокот кој претходно беше поставен да аплицираат за добивање на земјоделските субвенции за програмата 2013 година. Владата го разгледуваше ова прашање и утврди дека она што земјоделците го даваат како образложение зошто не можеле тоа да го направат е оправдано. Тие тврдеа дека поради текот на полјоделските работи кои се вршеа во август и септември не беа во можност да ги достават своите апликации до подрачните единици на МЗШВ или до Платежната агенција. Го увидовме ова и утврдивме дека рокот, кој претходно беше поставен, а важеше до 20 септември 2013 година, треба да биде дополнително продолжен“, истакна Ѓорѓиев.

Ова, како што рече, е излегување во пресрет на една популација меѓу две и три илјади земјоделци, кои според нашите информации добиени од терен не стигнале да ги поднесат своите апликации.

„Го направивме ова бидејќи цениме дека тие заслужуваат да ги добијат средствата, кои се нивни, заслужени и е дозволено едно пролонгирање на рокот. Земјоделците имаат десет дена, период во кој можат да ги комплетираат своите писмени поднесоци и да ги поднесат до надлежните органи“, рече Ѓорѓиев.

Тој апелираше земјоделците да го сторат тоа што побрзо, бидејќи рокот нема да биде повторно продолжуван.

„Цениме дека овие 135 милиони евра, кои како земјоделски субвенции ги предвидуваме и ќе ги алоцираме за програмата во 2013 година ќе дојдат до секој краен корисник, земјоделец кој ги извршил своите работи и ги поднел документите до надлежните органи“, рече Ѓорѓиев.