Капитенот на македонската А репрезентација Горан Пандев нема да биде дел од составот на националната репрезентација во вторник во Јагодина за дуелот против Србија.
На барање на неговиот клуб Наполи, македонскиот репрезентативец е ослободен од обврските бидејќи Наполи во петок го игра дерби натпреварот против Рома.
Фудбалската федерација на Македонија се одлучи позитивно да одговори на нивната молба, Горан Пандев да биде ослободен од репрезентативните обврски за следниот натпревар.
Шанса за настап на овој натпревар ќе им се даде на неколкумина од помладите фудбалери. Во нашата репрезентација натпреварот со Србија ќе го „прескокне“ и дефанзивецот Ванче Шиков, кој на дуелот во Кардиф го доби вториот жолт картон.
Натпреварот со Србија иако нема голема квалификациска важност, позитивниот резултат секако останува приоритет, за што се очекува крајно професионален пристап од фудбалерите и страст за остварување позитивен резултат.