Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денес оствари средба со претставниците на хрватската компанија „Кумел“, претседателот на Бордот на директори, г-дин Славен Куфнер, и извршниот директор, г-ѓа Александра Лелиќ.
Претставниците на компанијата „Кумел“ информираа дека нивните органи на управување донеле одлука за реализација на инвестиција во Република Македонија, и отворање на капацитет во технолошко-индустриската развојна зона Штип. Инвестицијата е во вредност од 7 милиони евра, и опфаќа стотина директни и индиректни вработувања. Тие истакнаа дека поволностите кои нашата земја ги овозможува за странските инвеститори, како што се ниските трошоци, ниските даноци, и соодветната и квалитетна работна сила, придонеле за оваа нивна одлука за лоцирање на дел од нивниот бизнис во Република Македонија.
Премиерот Груевски истакна задоволство од одлуката на компанијата „Кумел“ за инвестиции во нашата земја. Тој поздравувајќи ја инвестицијата, истакна дека таа значи отворање на нови работни места што е стратешка определба на Владата, и можност за бизнис на повеќе локални економски субјекти кои во иднина ќе соработуваат со компанијата „Кумел“ како добавувачи на определени добра или пак во сферата на логистиката на поддршка на процесот на производство. Премиерот Груевски истакна дека Владата ќе продолжи со напорите за унапредување на условите за инвестиции и со ориентираноста кон поддршка на инвеститорите.