По обвинувањата од ОО на СДСМ Дебарца дека Локалната власт не е во состојба да ги обезбеди основните услови за одржување на настава во училиштата, демант до медиумите испрати директорот на ЦОУ „Дебрца“ Иван Димоски.
„Тенденциозни се обвинувањата на одредени политички субјекти дека училиштата на територија Дебарца ќе бидат без греење во зимскиот период.
Ваквите шпекулации може да предизвикаат непотребна загриженост кај родителите и да доведат до нарушување на интересите на воспитно- образовниот процес.
Просториите во училиштата се затоплуваат согласно временските прилики и пред почетокот на грејната сезона, а набавките се реализираат сукцесивно согласно потребите на училиштето. Според тоа нема потреба од никаква загриженост од никого бидејќи училиштето најодговорно ги извршува законските и моралните обврски.
А за информација на тие што обвинуваат, во училиштето се набавени нови грејни тела во висина од 70.000 денари, кои во секакви временски неприлики можат да се вклучат дополнително“, – стои во демантот од директорот на ЦОУ „Дебрца“, Иван Димоски.