Електронски билет за автобуски превоз од февруари

Билетите за автобускиот превоз од февруари следната година ќе се издаваат по електронски пат, најави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на прелиминарната електронска распределба на возни линии во меѓуопштинскиот и меѓународниот превоз на патници.

Електронското издавање билети, укажа Јанакиески, е обврска на сите автобуски станици, а во спротивно ќе ги изгубат лиценците.

Граѓаните ќе може од дома  да букираат електронски билети исто како и авионските, рече Јанакиески.

До крајот на годината ќе биде изработена и мобилна апликација со која ќе се следат линиите, односно кој дестинациите и времето на сообраќање на превозниците.

Тој е задоволен од зголемениот интерес на автобуските превозници за возните линии, што смета дека е резултат на измените во Законот за патен сообраќај. Годинава  превозниците доставиле  458 апликации, односно 102 повеќе во однос на лани. За меѓуопштинските возни редови се доставени  231 апликација за нови линии и 13 за промена на постоечки, а кај меѓународните 212 апликации и две за промена.  Превозниците што се најдоа на прелиминарната листа во наредните 10 дена ќе добијат решенија, по што ќе следи и официјалната распределба на линиите.

Со новините во возните редови, за градовите во близина на Скопје, односно Куманово, Тетово и Велес во периодот од 6 до 8 часот разликата помеѓу две појдовни линии од 20  минути е намалена на 10 минути. Исто намалување има и во обратен правец, информира Јанакиески.

Дел од  распределбата на линиите беа и одземените 36 во последните три месеци. Државниот инспекторат за транспорт  одзел  15 решенија за  меѓународни автобуски линии и 9 решенија за автобуски линии за внатрешен превоз. Донесени се и 12 решенија за одземање лиценца заради неисполнување на потребните услови.

Министерот за транспорт пред превозниците истакна и дека има драстично намалување на сивата економија во автобускиот превоз. Како дел од активностите за сузбивање на нелегалните превозници, во последната година времено се одземени 250 возила, а трајно 55, информира Јанакиески.

Според него, постојано се одвива и процесот на лиценцирање на компаниите. Досега Министерството издало 4.553 лиценци за вршење превоз во патниот сообараќај, од кои 615 за јавен превоз на патници, 203 за вршење превоз за сопствени потреби на патници, 2.600 за јавен превоз на стока и 1.135 за вршење превоз на стока за сопствени потреби.