Нова лабораторија за екстракција на етерични масла од зачински и лековити растенија и детерминација на биолошки активни материи при УКЛО

Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски и Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска ја промовираа Лабораторија за екстракција на етерични масла од зачински и лековити растенија и детерминација на биолошки активни материи, инсталирана на Факултетот за биотехнички науки при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.

Ристовски истакна дека со средства од околу осумнаесет милиони денари набавени се пет најсовремени инструменти за лабораторијата во која ќе може да се врши екстракција на етерични масла и да се контролира квалитетот на прехрамбените производи.

„Лабораторијата е од големо значење за студентите, но при денешната посета на УКЛО, а разговаравме и со раководството, во следниот период дополнително да биде испромовирана пред бизнис заедницата која може да користи бројни услуги, особено за фирмите од прехрамбената индустрија“, рече Ристовски.

Ректорот на УКЛО Златко Жоглев рече дека се задоволни од инвестицијата на Владата и дека ќе вложат максимални напори таа да стане регионален лидер по ваков тип на услуги.

Денешната е 50-тата промоција на лаборатории коишто се дел од владиниот проект за техничко – инфраструктурно опремување на високообразовните и јавните научни установи. Приоритет на оваа лабораторија ќе биде воспоставување на нови методи според стандардите на Европската Комисија, нивно акредитирање и етаблирање на оваа лабораторија како референтна лабораторија за екстракција на етерични масла од зачински и лековити растенија и детерминација на биолошки активни материи и анализа на нивниот квалитет и безбедност.