Череп стар 1,8 милиони години ја менува теоријата за развојот на човекот

Анализата на черепот, стар 1,8 милиони години, укажува дека првите фосили од човекот пронајдени во Африка и Евроазија му припаѓаат на еден ист вид и дека Homo habilis, Homo rudolfensis и Homo erectus се најверојатно дел од ист развоен синџир од кој настанал модерниот човек, се наведува во магазинот „Science“.

Станува збор за најкомплетниот хоминиден череп кој е некогаш пронајден, а откриен е во 2005 година во Дманиси, на југот од Грузија.

Черепот, кој датира од времето на првата миграција на човекот од Африка, се одликува со необична градба: мала мозочна шуплина, крупни заби и издолжено лице, што се карактеристични за Homo habilis, но се одликува и со други поединости, „единствени“ за Homo erectus.

На наоѓалиштето каде е пронајден черепот, откриени се остатоци од коски од уште четири човекови предци, заедно со животински остатоци и камени алати.

Научниците истакнуваат дека тоа се најрани остатоци од примитивни луѓе надвор од Африка, односно, откако човековиот род се развил од аустралопитекот. Тие ги споредиле со фосилите пронајдени во Африка, кои се стари и 2,4 милиони години, а компаративната анализа покажала дека тие најстари фосили се исти како и хоминидите од Грузија.