Партнерството на министерството со граѓанскиот сектор на полето на животната средина се продлабочува

Денеска, министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми, градоначалникот на Дојран, Борче Стамов и 4 градоначалници на пилот општини присуствуваа на 10-та годишната средба со здруженијата на граѓани кои работат на полето на животната средина и одржливиот развој во Република Македонија, што се одржува во Дојран од 18 до 20 октомври 2013г.

Партнерството и добрата соработка меѓу МЖСПП и граѓанските организации кои делуваат на полето на животната средина континуирано претрпуваат промени во нагора линија во правец на афирмирање на принципите на добро владеење, на партиципативна демократија и на заеднички иницијативи и размена на идеи преку креирање на механизми за унапредување на дијалогот – истакна министерот Адеми на првиот ден од средбата, чија цел е промоција на Зелената Агенда како модел за донесување на локалните стратегии за климатски промени во општините во Македонија, како и развојот на координативното тело за соработка помеѓу граѓанските  организации и МЖСПП.

Потенцирајќи го значењето на формирањето на координативно тело за дијалог составено од претставници од невладиниот сектор и од Министерството, претставник на делегацијата на ЕУ и независни експерти од одредени области, министерот изрази задоволство што телото не остана само договор на хартија, туку и навистина профункционира.

Координативното тело, по барање од Министерството, номинираше претставници од граѓанскиот сектор за Форумот за води. Исто така беше побарана и номинација на членови на Советите на сливот на р. Вардар и на сливот на р. Брегалница, што претставува  директна и организирана имплементација на принципот на вклучување на претставници на граѓанскиот сектор во процесот на донесување на одлуки во областа.

Средбата ја организира Македонски Зелен Центар преку Проектот на УСАИД за Општински стратегии за климатски промени, кој во Македонија се спроведува од страна на Милиеуконтакт Македонија и Министерството за животна средина и просторно планирање.